ЊУЈОРК (АА)
- Бетуљ ЈУРУЌ
За борба против климатската криза со која се соочува светот, светските лидери оваа недела ќе се сретнат во Глазгов, Шкотска.
Околу 140 светски лидери ќе присуствуваат на 26. конференција од Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (COP26), која ќе се одржи од 31 октомври до 12 ноември.
На Самитот ќе се разговара за начините преку кои ќе се постигне нулта емисии на јаглерод до 2050 година, со цел порастот на глобалната температура да може да се задржи под 2 степени Целзиусови или дури 1,5 степени Целзиусови до крајот на векот.
Според Парискиот климатски договор потпишан од 197 земји во 2015 година за борба против климатските промени, земјите се обврзани да ги ажурираат своите национални акциони планови за климата на секои пет години.
- КОП26, последна шанса за спречување на климатската криза
Последниот извештај на Програмата за животна средина на Обединетите нации (UNEP) покажува дека климатските цели не можат да се постигнат со сегашните обврски.
Затоа, КОП26 се смета за последна шанса да се спречи климатската криза со која се соочува човештвото и од владите се очекува да ги зголемат своите обврски за климата.
Научниците предупредуваат дека светот, кој станува сè потежок за живот поради температурите кои достигнуваат рекордни нивоа, поради шумските пожари, сушата и поплавите секоја година, ќе биде вовлечен во целосна катастрофа, во буквална смисла, доколку не се изнајде решение за климатските промени.
- Намалување на емисиите на стакленички гасови за 55 % до 2030 година
За да се ограничи глобалното зголемување на температурата на 1,5 Целзиусови степени, емисиите на стакленички гасови мора да се намалат за 55 % до 2030 година.
Вистинското прашање е како земјите ќе ја намалат емисијата на јаглерод и дискусиите продолжуваат на таа тема.
Земјите од Г20 се одговорни за 80 % од глобалните емисии на стакленички гасови, а Кина се наоѓа на врвот на најзагадувачките земји во светот.
Во првите десет најзагадувачки земји во светот по Кина следуваат САД, Индија, Русија, Јапонија, Германија, Иран, Јужна Кореја, Саудиска Арабија и Индонезија.
Неразвиените и земјите во развој, како и островските земји кои се изложени на ризикот да бидат поплавени, природно очекуваат земјите кои најмногу го загадуваат светот да бидат предводници во борбата против климатската криза.
- Кина и Русија со цел од нула јаглерод до 2060 година
Додека САД, ЕУ и Велика Британија се обврзуваат да ги намалат своите емисии на стакленички гасови на нула до 2050 година, Кина и Русија, кои произведуваат најмногу стакленички гасови, планираат нулта емисија на јаглерод до 2060 година.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, сака земјите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) да престанат да користат јаглен до 2030 година, а другите земји да престанат да користат јаглен до 2040 година, со цел да се исполнат климатските цели.
- Пред 2030 година треба да се затворат 3.000 електрани на јаглен
Според најновиот извештај на тинк-тенк организацијата „TransitionZero“, која спроведува анализи поврзани со климата, околу 3.000 електрани на јаглен мора да бидат затворени пред 2030 година за да се ограничи зголемувањето на глобалната температура на 1,5 степени.
- Климатско финансирање
Една од темите за кои ќе се разговара на Самитот ќе биде „финансирањето за климата“.
На неразвиените и земјите во развој кои се најпогодени од глобалното затоплување им е потребна финансиска помош за да се борат против климатската криза и да се приспособат на климата.
Иако развиените земји во 2009 година се согласија да обезбедуваат финансиски средства за климата во висина од 100 милијарди американски долари годишно за неразвиените и земјите во развој, оваа цел досега не е исполнета.
Експертите, од друга страна, предупредуваат дека необезбедувањето на такво финансирање ќе ги загрози климатските цели.
- Каква опасност го чека светот ако глобалното затоплување не може да се спречи?
Температурите на глобално ниво веќе се зголемени за 1,1 степен од почетокот на Индустриската револуција, а „последните 10 години се забележани како 10-те најтопли години во светската историја“.
Пожарите, поплавите и температурите достигнаа рекордно ниво во 2021 година.
Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени (IPCC) предвидува дека доколку глобалниот пораст на температурата не се ограничи на 1,5 степени Целзиусови, тогаш уште 420 милиони луѓе ќе бидат изложени на екстремни топлотни бранови, а двојно ќе се зголеми бројката на смртни случаи предизвикани од топлина.
Се предвидува дека зголемувањето на температурата за 2 степени ќе уништи 18 % од видовите на инсекти, 16 % на растенијата, 8 % од 'рбетниците и половината од нивните живеалишта.
Глобалното зголемување на температурата за 2 степени Целзиусови, наместо 1,5 степени Целзиусови, ќе значи зголемување на киселоста на океаните, трошење на кислородот и зголемување на мртвите зони. Таквата ситуација ќе ги загрози видовите во океаните, ќе предизвика уништување на коралните гребени и ќе влијае на рибарството.
Доколку нивото на морето се зголеми за најмалку 10 см до крајот на овој век, милиони луѓе ќе се соочат со поплави.
- 1 милијарда луѓе би можеле да станат климатски бегалци
Според ОН, 500 милиони луѓе живеат во подрачја кои се претвораат во пустини и популацијата што живее во овие области со секој изминат ден сѐ повеќе е погодена од климатските промени.
Се проценува дека 1 милијарда луѓе ќе станат климатски бегалци до 2050 година.
- Климатските промени се закана и за безбедноста на храната
Експертите предупредуваат дека заедно со климатските промени ќе се појават поплави, ќе има недостиг на вода и несигурност на храната.
Се очекува светското население да се зголеми на 10 милијарди до 2050 година, што значи дека ќе треба да се хранат уште 3,4 милијарди луѓе.
Според Организацијата за храна и земјоделство на ОН (FAO), имајќи предвид дека потребата за храна ќе се зголеми за најмалку 70 отсто до 2050 година, ќе биде потребно да се зголеми земјоделското производство во светот.
Од друга страна, научниците предупредуваат дека ефектите од климатските промени, како што се високите температури, екстремните временски услови, сушата, зголемувањето на нивото на јаглерод диоксид и зголемувањето на нивото на морето, претставуваат закана за изворите на храна.