Burak Bir
08 Ноември 2019•Ажурирај: 08 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Повлекувањето на Соединетите Американски Држави (САД) од Парискиот климатски договор ќе влијае негативно на иднината на овој чин, при што овој потег на другите земји им дава изговор да дејствуваат бавно, јавува Anadolu Agency (AA)
„Доколку најголемата светска економија не учествува во Парискиот договор, го симнува притисокот од сите други и им дава изговор да се движат бавно“, изјави за АА Бил Меккибен, авторот и основачот на Глобалното еколошко движење 350.
Тој додаде дека последниот потег за повлекување на САД може да го помрачи договорот и да ја попречи борбата против климатските промени.
Одговарајќи на прашањето за клучниот придонес на Парискиот договор во намалувањето на ефектите од климатските промени, Меккибен рече дека ова ја забрзува иновацијата со тоа што ги повикува земјите низ светот да се движат брзо кон обновлива енергија што ќе ги намали цените.
Во врска со најлошото можно сценарио што може да се случи ако договорот не е успешен или државите не успеат да го запрат климатскиот распад, екологистот рече: „Ако не пекол на земјата, тогаш барем слична температура.“
Доналд Трамп во јуни 2017 година најави дека САД се повлекуваат од Парискиот климатски договор, кој е потпишан од страна на повеќе од 190 земји во светот.
САД во понеделникот доставија документи до Обединетите нации, со што започнува едногодишниот процес за официјално повлекување од историскиот Париски климатски договор.
Доколку процесот биде завршен, САД ќе бидат првата нација што ќе го напушти договорот. Загубата на суперсилата и втор по големина емитер на јаглерод во светот веројатно ќе испрати трусни бранови во однос на договорот.
На 12 декември 2015 година, страните постигнаа значаен договор во Париз за борба против климатските промени, а Парискиот договор стапи во сила на 4 ноември 2016 година.
Парискиот климатски договор е дел од Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC). Има цел да ги намали ефектите од климатските промени со намалување на емисиите на јаглерод и ограничување на глобалното покачување на температурата под 2 степени Целзиусови.
Во рамките на Парискиот договор, индустријализираните нации ветија финансиска поддршка за земјите во развој за мерки за заштита на климата, технолошки трансфер и програми за градење капацитети.