Gözde Bayar
29 Октомври 2021•Ажурирај: 01 Ноември 2021
АНКАРА
Ракот на дојка може да се спречи со промена на начинот на живот и исхраната, тврди Џан Гурбуз, директор на турската Фондација за борба против ракот на дојка, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во последните 25 години, забележавме дека застапеноста на рак на дојка е зголемена околу трипати во Турција. Една од најважните причини за ова зголемување се промените во нашиот начин на живот и исхраната“, изјави за АА, Џан Гурбуз, по повод Месецот за подигање на свеста за ракот на дојката.
Гурбуз рече дека луѓето во високоризичните групи можат да го намалат ризикот од развој на рак на дојка за 50 отсто со спроведување правилни промени.
„Вашата исхрана влијае на ризикот од развој на рак на дојка. Подготвената храна особено го зголемува ризикот преку трансмастите и некои хемикалии што ги содржат“, вели Гурбуз.
Нагласувајќи дека прекумерното консумирање црвено месо исто така го зголемува ризикот од рак на дојка, тој рече дека некои супстанции добиени од естроген и антибиотици кои се користат за време на одгледувањето на овие животни може да го зголемат ризикот.
Тој предупреди и на консумирањето грицки во вечерните часови, наведувајќи дека тие го оштетуваат хормоналниот систем. Тој препорача вечерата да се јаде во раните часови и да се консумира што е можно помалку храна пред спиење.
„Неактивноста е исто така една од важните причини за развој на рак“, рече тој, охрабрувајќи ги луѓето да вежбаат, бидејќи редовното вежбање исто така им помага на луѓето да се справат со стресот.
„Стресот е еден од факторите што го зголемува ризикот од рак на дојка. Стресот го потиснува вашиот имунолошки систем, зголемувајќи го ризикот од развој на рак“, додаде тој.
Истакнувајќи дека ризикот од рак на дојка е малку зголемен кај жените со семејна историја на рак на дојка, тој рече дека роднините од прв степен, вклучувајќи ги родителите и браќата и сестрите, играат важна улога.
- Раната дијагноза со мамографија може да спаси живот
Нагласувајќи ја важноста од редовно правење мамографија, тој рече дека раната дијагноза навистина спасува живот.
„Во општеството постои честа заблуда за мамографијата - изложеноста на зрачење за време на мамографијата го зголемува ризикот од рак на дојка. Ова е лажно верување“, додаде Гурбуз.
Тој истакна дека се направени големи чекори во лекувањето на ракот благодарение на новоразвиените лекови.
„Сè уште немаме метод на скрининг толку ефикасен како мамографот“, рече тој, додавајќи дека редовните мамографии за речиси секоја жена на возраст над 40 години значително ја намалуваат стапката на смртност од рак на дојка.
„Иако застапеноста на рак на дојка кај населението е зголемена, бројот на смртни случаи поради рак на дојка е значително намален“, рече тој.