Dr. Hamza Karcic
29 Октомври 2021•Ажурирај: 31 Октомври 2021
пишува: Хамза Каричиќ
- Авторот е вонреден професор на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Сараево
ИСТАНБУЛ (АА) - Во текот на својата славна и долга воена и политичка кариера, Колин Пауел влезе во историјата и во многу нешта стана прв. Почитуван војник и офицер, со јасно размислување како да се снајде во бирократијата, Пауел стана еден од најпознатите и најпопуларните американски генерали. Генерал, кој на 18 октомври почина од компликации поврзани со вирусот Ковид-19, беше првиот афроамерикански советник за национална сигурност за време на администрацијата на Реган, началник на Заедничкиот штаб во администрациите на Џорџ Х. В. Буш и Бил Клинтон и државен секретар во администрацијата на Џорџ В. Буш.
Ѕвездата на Пауел светна за време на Првата заливска војна во 1991 година, кога генералот кој беше добро упатен во областа на медиумите, стана познато име.
Беше заслужен за водење на воените достигнувања но гледиштето на Пауел во голема мерка беше обликувано за време на неговото искуство во Виетнам. Пауел во Виетнам од прва рака виде како американската воена интервенција тргна по лош пат. Во годините кои следуваа, Пауел беше поврзуван со низа услови под кои САД би требало воено да интервенираат: со јасна политичка цел онаму каде што е загрозен американскиот национален интерес, со употреба на надмоќна сила и јасна излезна стратегија. Ова стана познато како Доктрина на Пауел. Се чинеше дека Првата заливска војна беше одличен пример како доктрината требаше да се имплементира.
Кога избувна војната во Босна и Херцеговина (БиХ) во 1992 година, многу граѓани на оваа нова независна земја вложија надеж во американската воена поддршка и интервенција. Малку се знаеше дека Доктрината на Пауел и самиот генерал стоеја на патот. За Пауел, војната во Босна и Херцеговина не ги исполни барањата поставени во истоимената доктрина. Претседателот Џорџ Х. В. Буш не сакаше да интервенира во изборната 1992 година.
Новоизбраниот Бил Клинтон, кој не служеше во Виетнам, се приклони кон Пауел, чиј мандат на началник на заедничкиот штаб продолжи во првата година од администрацијата на Клинтон. Резултатот беше дека сериозната американска воена интервенција во БиХ остана на чекање во првите две години од војната.
Генералот Пауел беше разгледуван за потенцијален претседателски кандидат за изборите во 1996 година, но тој одлучи да остане подалеку од изборната политика. По завршувањето на јавната служба во 1990-тите години, беше номиниран и потврден за државен секретар во администрацијата на Џорџ В. Буш. Од целата негова кариера, мандатот во Стејт департментот стана најконтроверзен.
Пауел во САД ќе биде запаметен како многу одликуван и почитуван војник. Меѓутоа, надвор од САД најмногу ќе биде запаметен по говорот во Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) во 2003 година, каде што ги изнесе доказите, кои се покажаа како непоткрепени, за Ирачката програма за развојот на оружје за масовно уништување.
Во внатрешноста на администрацијата на Буш, инвазијата на Ирак првично ја заговараа тогашниот потпретседател Дик Чејни и министерот за одбрана, Доналд Рамсфелд, како и неговиот заменик Пол Волфовиц, заедно со неоконзервативците во администрацијата. Книгите и мемоарите објавени изминатите години покажаа дека Пауел бил надмудрен во поставувањето на дневниот ред и бирократските судири внатре во администрацијата.
Неговата одлука јавно да ги изнесе аргументите за промена на режимот во Ирак го направи познат во целиот свет. Грешката на Пауел беше во тоа што ги изнесе барањата на администрацијата на Буш додека беше маргинализиран во внатрешното донесување на одлуки. Не успевајќи да ги испита доказите и да се спротивстави на провоената фракција Чејни - Рамсфелд во внатрешноста на администрацијата, осудувањето и репутацијата на Пауел непоправливо настрадаа, заедно со безброј животи на Ирачани.
Една од многуте иронии на неговиот мандат како државен секретар беше тоа што генералот кој поставуваше строги услови за американската воена интервенција во странство, не ја испочитува својата доктрина во 2003 година.
*Мислењата напишани во овој текст се авторски и нужно не ја претставуваат уредувачката политика на Агенција Анадолија.