Bilal Güler,Sayed Khodaiberdi Sadat
29 Октомври 2021•Ажурирај: 03 Ноември 2021
КАБУЛ (АА)
- Билал ЃУЛЕР / Сајед КХОДАИБЕРДИ САДАТ
Семејствата кои не можат да ги задоволат ниту дневните потреби за храна поради зголемената беда и сиромаштија во Авганистан, ги продаваат своите деца за цени кои се движат од 1.000 до 3.000 долари.
Откако земјата беше преземена од страна на талибанците, како резултат на насилните судири меѓу талибанците и владините сили во летните месеци и последователниот прекин на протокот на меѓународна помош, се продлабочи гладот и бедата во земјата.
Сиромашните семејства кои се борат да преживеат, сакаат да ги продадат своите деца и да ги задоволат своите основни потреби.
Според теренското истражување на екипата на АА во Авганистан, некои семејства сакаат да ги продадат своите деца на свои блиски роднини, за цени кои се движат од 1.000 до 3.000 долари.
Од друга страна, некои семејства ги продаваат своите деца, без разлика на тоа кој е купувачот.
Според податоците на ОН, 22,8 милиони луѓе, што е еквивалентно на повеќе од половина од населението, во наредните зимски месеци ќе се соочат со сериозен недостиг на храна.
Поради зголемениот глад и сиромаштија низ земјава, десетици семејства соопштија дека сакаат да ги продаваат своите деца.

- Ги продава своите внуци
Семејството Самими, кое се бори да преживее во една барака во регионот Дере-Ји Кази, е едно од семејствата што своите деца ги ставија на продажба.
Педесет и шестгодишната Рухшана Самими во изјавата за Агенција Анадолија (AA) се осврна на финансиските проблеми на нејзиното семејство и причините поради кои сакаат да ги продадат своите внуци.
Самими живее под кирија со двата сина, една снаа и шест внуци, од кои четири девојчиња во куќа без малтерисани ѕидови, без вода и струја.
Наведувајќи дека поради болест го загубила сопругот пред 20 години, Самими рече дека оттогаш живеат во сиромаштија со голем број проблеми.
Самими наведе дека нејзините проблеми со егзистенцијата се зголемиле откако нејзиниот најстар син, 30-годишниот Сибгатула, кој заработувал, се разболел и бил хоспитализиран, а нејзиниот помлад син, 20-годишниот Мир Вејс, го придружувал својот брат во болница.

- „Гладни сме и никој не ни помогна“
Напоменувајќи дека сакаат да ги продадат своите две внуки и со тие приходи да ги задоволат здравствените трошоци за синот и потребите за храна, Самими рече дека приоритет им дава на девојките за кои сметаат дека побрзо ќе се продадат.
Самими истакна дека ги ставиле на продажба своите внуки, шестгодишната Зинет и четиригодишната Зиба, како „надеж за егзистенција“.
Наведувајќи дека продажбата на внуките ја најавиле меѓу луѓето во нивниот регион, Самими рече: „Пред една недела ги ставив на продажба моите две внуки, но сѐ уште никој не ги купил. За постарата внука одредив цена од 2.200 долари, а за помалата 1.100 долари. Но сѐ уште никој не ги купил.“
Меѓу другото, Самими додаде:
„Гладни сме и никој не ни помага во овој период. Ниту нашите роднини не ни помогнаа. Посакувам да ми помогнат за да не ги продадам внуките. Пред нас е зима. Морам да ги продадам моите внуки и во зимата да купувам храна и облека за другите мои внуци. Немаме пари ниту да ја платиме киријата.“
Другите внуци и внуки на Самими, Лејлума (3), Сухејла (8), Рефихула (10) и Ниметула (11), кои се борат да преживеат, носат искината стара облека.

- „Многу сум исплашена откако сум ставена на продажба“
Зинет, која е ставена на продажба, рече: „Многу сум исплашена откако ме ставија на продажба. Сепак, принудена сум да ги прифатам желбите на татко ми и мајка ми за да им се помогне на другите членови на моето семејство.“
Постариот брат на Зинет, Ниметула, рече: „Душата ме боли поради тоа што моите сестри се продаваат. Сакаме поддршка од добротворни организации, а не да ги продаваме моите сестри.“
Мајката на децата одби да одговори на нашите прашања.

- „Можна е човечка катастрофа“
Директорот за имиграција на провинцијата Гор, Мевлеви Абдул Хај Мубашир, истакна дека околу 1.000 семејства во покраината биле раселени поради конфликтите во последните месеци.
„На овие семејства итно им е потребна помош. Ако на овие луѓе не им се помогне, може да се случи хуманитарна катастрофа“, нагласи Мубашир.