Mustafa Deveci
05 Февруари 2018•Ажурирај: 06 Февруари 2018
СРИНАГАР (AA) - Четворица индиски војници и двајца пакистански цивили загинаа во судирот меѓу пакистанските и индиските војници на контролната линија на Кашмир, пренсеува Anadolu Agency (AA).
Во изјавата на пакистанската Армија, беше наведено дека индиската војска отворила оган врз областа Незапир во Азад Кашмир на контролната линија.
Двајца пакистански цивили го загубија животот, а шест цивили се ранети. Пакистанската војска одговорила на огнот од индиските војници.
Индиската Армија, исто така, соопшти дека судирот на контролната линија бил инициран од страна на Пакистан, и во него четворица индиски војници биле убиени, а двајца ранети.
Помеѓу Пакистан и Индија последниве денови има пораст на судирите во граничните линии. Двете земји се обвинуваат меѓусебно за судирите на границата.
Пакистанското Министерство за надворешни работи изјави дека од 1 јануари Индија го прекршила прекинот на огнот повеќе од 100 пати и дека 20 Пакистанци ги загубиле своите животи од којшто повеќето биле цивили. Исто така, индиската страна изјави дека од почетокот на годината, во судирите загинале 15 Индијци.
Пакистан и Индија потпишаа примирје во 2003 година за да ги избегнат пограничните конфликти, но ова примирје многу пати беше прекршено од двете земји.
По повлекувањето на Англија од Индија во 1947 година, Кашмир продолжи да биде управуван како кнежевство, и самиот требаше да избере дали ќе се приклучи на Индија или на Пакистан. Жителите во кнежевството претежно направиле соодветен избор, меѓутоа, принцот на Џаму и Кашмир во октомври 1947 година донесе одлука подрачјата во кои живеат околу 90 отсто муслимани да ги приклучи кон Индија. Муслиманската популација во Кашмир се спротивстави на приклучувањето кон Индија, по што Индија и Пакистан испратија свои војски во подрачјето. Првата војна меѓу двете земји поради Кашмир избувна во 1947 година.
Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) во 1948 година донесе одлука да се отстранат воените единици од Кашмир и побара одржување референдум во подрачјето.
Индија за своја територија ги прогласи и подрачјата во Кашмир што се под контрола на Пакистан. Од друга страна, Пакистан смета дека Кашмир има право сам да ја одредува својата судбина, поддржувајќи ја одлуката на СБОН за одржување референдум.
Кашмир во моментов е поделен на три дела: 45 отсто потпаѓа под контрола на Индија, 35 отсто под Пакистан и 20 отсто под контрола на Кина.
Подрачјето на Кашмир што е под контрола на Пакистан се нарекува „Азад Кашмир“. Делот од Кашмир што е под контрола на Индија е сојузната индиска држава „Џаму и Кашмир“ и претставува единствена сојузна држава во оваа земја во која поголемиот дел е муслиманско население.