ХАТАЈ (AA) - ЛАЛЕ ЌОКЛУ - Повеќе од 10.000 жени од различни земји кои учествуваа во програмата „Меѓународен конвој на совеста“ пристигнаа во Хатај за да бидат гласот на сириските жени што се држени противзаконски во затвор, каде што се изложени на тортура од режимот на Башар ал Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
Конвојот, кој имаше за цел да го сврти вниманието кон проблемот на жените кои се подложени на тортура и силување во затворите на сирискиот режим и беше наречен „Глас на угнетените жени во Сирија“, се состоеше од 55 автобуси, а своето патување го започна во вторникот, тргнувајќи од плоштадот „Јеникапи“ во турскиот град Истанбул.
Во конвојот, освен од Турција, учествуваа жени од Европа, Балканот и Африка, како и многу жени од земјите од Блискиот Исток. Тие излегоа во знак на протест поради прогонот врз жените на режимот на Асад, за да бидат гласот на жените кои се држени во затворите, каде што се мачени и силувани, а нивната истрајност и решеност е да бидат ефективни низ целиот свет.
Ѓулден Сонмез, потпретседателка на Движењето за човекови права и правда (ИХАК), за Аnadolu Аgency (AA) изјави дека жената е „гласот на совеста“.
- „Седум години го гледаме масакрот врз децата“ -
„Го гледаме масакрот врз децата веќе 7 години. Дури минатата недела се вршеше истрага врз телата на децата кои беа убиени во Источна Гута“, рече Сонмез.
„Навистина се чувствуваме лошо кога слушаме за насилствата и силувањето на жените во затворите. Чекаме 7 години. Сите меѓународни текстови и механизми зборуваат за заштита на жените и децата, но ниту Обединетите нации, ниту друг меѓународен механизам, ниту Исламската организација за соработка, ниту државните лидери не презедоа чекори за заштита на жените во затворите на режимот. Не можеме да ги заштитиме нив, а овие злосторства се случуваат секој ден“, додаде таа.
- „Зарем нема совесен човек во светот?“ -
Објаснувајќи дека разговарале со многу сириски жени и ги слушнале нивните приказни, Сонмез рече дека на телата од жените има повреди, тие се силувани од десетици војници, а веќе две и пол години систематски се измачувани и силувани.
Сонмез во обраќањето зборуваше за она што жените се прашуваат себеси: „Зарем нема совесен човек во светот, зошто жените не нè разбираат?“
Таа продолжи со зборовите: „Реалноста, дека доколку не бидат спречени, ќе се извршат сериозни злосторства врз жените во Сирија, ја истакнавме уште на почетокот од војната. За жал, бевме во право. Ние се побунивме против овој молк, поради тоа што овие злосторства не се никаде на дневен ред и го организиравме „Меѓународниот конвој на совеста“.
Сонмез, истакна дека тие, како жени од Турција, го организирале овој конвој, а во него учествуваат жени од целиот свет, без разлика на јазикот, расата и религијата.
Таа потсети дека околу 450 невладини организации и жени од многу земји ја поддржаа оваа организација, додавајќи: „Повеќе од 10.000 жени дојдоа. Ние сме решителни околу ова, се надевам дека нашите сириски сестри ќе бидат слободни, и ние нема да се откажеме. Тивко ќе демонстрираме, додека и нашата последна сириска сестра не излезе од затвор. Ќе продолжиме да дејствуваме како совест“.
- Земјите, обичаите и традициите се различни, а желбите се исти -
Мерјем Суваји од Кувајт истакна дека тука има жени од сите сфери на животот, велејќи: „Најсилниот глас во светот е гласот на жените, ако се чувствувам тажно или несреќно, кога ќе го слушнам гласот на мајка ми, се чувствувам сигурно. Денес тука дојдов за жените, и горда сум за тоа“.
Раха ел Куан од Кувајт, исто така, рече дека веруваат оти ефектот од иницијативата е одличен и дека овојпат секој ќе ја разбере важноста на жените.
Шеесетгодишната Фатма Карон од Јужна Африка рече дека најголем поддржувач на жените се повторно - жени.
Нагласувајќи дека со жените треба совесно да се постапува насекаде во светот, Карон рече: „Затоа што сме мајки, сестри, жени. Луѓето треба да го видат тоа. Мораме да бидеме влијателни, верувам дека овој пат цел свет ќе го чуе нашиот глас“.
Дваесет и седумгодишната Назин Мохамед од Африка истакна дека стои во заштита на жените кои се силувани и измачувани во сириските затвори.
Бразилката Карини Гахсејз рече дека жените постојано се борат за своите права.
Гахсејз смета дека жените се подложни на насилство не само во Сирија, туку и во други земји, како во Палестина и Египет. „Некои политички причини ги уништуваат земјите и жените доаѓаат во оваа ситуација. Секогаш ќе стојам покрај нив“, додаде таа.
- Субач: „Нешто сега ќе се промени, имаме надеж“ -
Убејде ел Хазан од Сирија рече дека престојувала во затвор во нејзината земја, каде што страдала многу поради насилството.
„Режимот на Башар е многу суров и врз нас спроведува секаков вид насиство. Сакаме да се чуе гласот на оние кои сѐ уште се во затвор. Моја единствена порака до сите земји е - слушнете го гласот на жените“.
Ерина Субач од Босна и Херцеговина потсети дека во 1992-1996 година претрпеле слична болка во нивната земја.
„Дојдовме од Босна и Херцеговина да ги подрржиме, да ги споделиме нивните страдања и да ги заштитиме нивните права. Сакаме да бидеме нивен глас, ние сме со вас. Се надеваме дека овој пат светот ќе го чуе нашиот глас и нешто ќе се промени, имаме надеж“.
Саџу Самбу од Јужен Судан, исто така, истакна дека сакаат да ги спасат сириските жени од лошата ситуација во која се наоѓаат.