Mohamad Misto,Levent Tok
09 Март 2018•Ажурирај: 10 Март 2018
ИСТОЧНА ГУТА/АНКАРА (АА) - Режимот на Башар ал Асад и неговите поддржувачи, со интензивна огнена поддршка, речиси ја поделија на два дела Источна Гута која е под блокада, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Сирија, режимот на Асад и неговите поддржувачи, непочитувајќи ја одлуката на Советот за безбедност на ОН (СБОН) за прекин на огнот, на 3 март започнаа копнена операција со воздушна поддршка од Русија.
Регионалниот дописник на АА информираше дека силите на режимот напредуваат од запад кон исток и под интензивен оган го држат коридорот во должина од 1 километар од Појасот Мисраба до местото Хареста, со што речиси ја поделија Источна Гута на два дела.
Судирите во Источна Гута продолжуваат. Опозицијата дава силен отпор на тактиката на режимот „нападни-повлечи се“.
СБОН на 24 февруари донесе одлука за воведување хуманитарен прекин на огнот за цивилите на ниво од целата територија на Сирија, првенствено во Источна Гута. Но барањето за спроведување „итен“ прекин на огнот не беше дефинирано како ќе биде спроведено од силите на режимот.
Русија, по одлуката на СБОН, на 27 февруари соопшти дека во периодот од 9:00 до 14:00 часот, секојдневно воведува хуманитарен прекин на огнот, додавајќи дека режимот ќе ја почитува оваа одлука.
Во Источна Гута, која е под контрола на опозицијата, 5 години под блокада од силите на режимот живеат околу 400.000 цивили. Со договорот во Астана минатата година, Источна Гута беше прогласена за зона без судири. И покрај тоа, режимот на Асад од април минатата година ги интензивираше нападите, а во последните месеци, нападите се сѐ понасилни.
Кризата во регионот секојдневно се продлабочува, а илјадници болни цивили чекаат да бидат евакуирани. Поголеми дел од нив се деца или болни од рак во напредна фаза. Голем број деца во Источна Гута починаа поради глад и недостаток на лекови.
Меѓународната независна истражна комисија за Сирија на ОН, вчера објави дека режимот на Асад извршил серија воени злосторства врз цивилите во Источна Гута, со тоа што употребувал хемиско оружје во нападите врз цивилите, ги изгладнувал и ја спречувал испораката на медицинска опрема.
Во последните 18 дена, 881 цивил ги загубија животите во Источна Гута.