Ayşe Doğru
11 Февруари 2022•Ажурирај: 11 Февруари 2022
АНКАРА (АА) ‒ Коалите кои живеат на источниот брег, Австралија ги стави на списокот на загрозени видови, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите на „Би-би-си“ (BBC), Владата на Канбера ги ставила коалите од источниот брег на листата на загрозени видови, бидејќи десетици илјади коали угинаа во пожарите во 2019 и 2020 година.
Владата соопшти дека ваква мерка е преземена за коалите во Квинсленд и Нов Јужен Велс.
Австралиската министерка за животна средина, Сузан Леј, истакнувајќи дека оваа класификација ќе ѝ даде приоритет на заштитата на коалите, рече дека власта подготвила план за спасување.
Стјуарт Бланш од Светскиот фонд за дивиот свет (WWF), Австралија, нагласи дека коалите во овие региони биле класифицирани како „ранливи видови“ во 2012 година и дека нивната класификација како загрозени видови во 2022 година значи дека многу брзо ситуацијата се влошила.
Наведувајќи го задоволството од одлуката на Владата, Бланш подвлече дека доколку не постојат посилни закони и стимулации за сопствениците на земјиштето, коалите нема да можат да се заштитат од исчезнување.
Минатогодишна студија откри дека коалите во Австралија, чии живеалишта брзо се намалуваат, ќе исчезнат до 2050 година доколку не се преземат итни мерки.
Се наведува дека најмалку 5.000 коали угинале, а 24 отсто од нивните живеалишта се уништени само во Нов Јужен Велс, во пожарите во летниот период 2019-2020 година, кој во земјата се нарекува „Црно лето“.