Riyaz ul Khaliq
28 Февруари 2019•Ажурирај: 02 Март 2019
АНКАРА (АА) - Неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека кинескиот претседател Си Ѓипинг може да помогне повеќе во врска со денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров, Пекинг денеска одговори дека тоа прашање не може да се реши преку ноќ, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Денуклеаризацијата на Северна Кореја не е многу лесен процес. Во спротивно, не би траел до денес“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лу Канг, според индиската новинска агенција „Press Trust of India" (PTI).
Кина изрази надеж дека сепак САД и Северна Кореја ќе продолжат да зборуваат, но Лу изјави дека допрва треба да слушне што Трамп или севернокорејскиот лидер има да каже во врска со состанокот.
„Но јас секогаш се надевав дека сите ќе сфатат дека нуклеарниот проблем на Корејскиот Полуостров се одвива неколку години, и дека решавањето на овој проблем дефинитвно не е нешто што може да се постигне преку ноќ“, изјави Лу.
Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун се состанаа денеска за вториот Самит за да постигнат договор за денуклеаризација на Северна Кореја и да дискутираат за укинување на санкциите на Пјонгајнг.
Откако состанокот во Ханој, Виетнам, беше неочекувано прекинат, Трамп за медиумите изјави дека Кина и Русија би можеле да бидат од корист во постигнувањето на мирот, нарекувајќи го кинескиот претседател Си Ѓипинг „високопочитуван лидер“.
„Тој беше корисен, дали би можел да биде малку повеќе корисен? Веројатно да“, изјави Трамп.
Тој рече дека 93 отсто од работите кои се случуваат во Северна Кореја се од Кина, што значи дека Кина е главен сојузник на Пјонгјанг.
„Се работеше за санкции, Ким сакаше да се укинат санкциите во целина, не можевме да го сториме тоа. [Но] ние не се откажавме“, рече Трамп, кој изрази оптимизам, велејќи: „Денеска направивме многу поголем напредок.“
Лу го повтори предлогот на Пекинг за Вашингтон и Пјонгјанг да се погрижат за меѓусебните легитимни грижи.