Erdoğan Çağatay Zontur
28 Февруари 2019•Ажурирај: 01 Март 2019
ПАРИЗ (АА) - Протестите на „Жолтите елеци“, кои траат со месеци, предизвикаа штета на француската економија, истакна францускиот министер за економија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Францускиот министер Бруно ле Мер, за телевизијата на францускиот Сенат изјави дека демонстрациите ја чинеле француската економија „многу висока цена“, односно околу 0,2 отсто од растот на земјата во периодот од последниот квартал на 2018 година до првиот квартал од 2019 година.
Минатиот месец Меѓународниот монетарен фонд во својот извештај објави дека поради демонстрациите ги намалил очекувањата за растот на земјата во 2019 година на 1,5 отсто.
Европскиот парламент на 14 февруари усвои резолуција со која се осудува употребата на насилство и несразмерното интервенирање од страна на државните органи за време на мирните протести во Франција.
Француската Влада ја оправдува употребата на солзавец од страна на полицијата за време на протестите, со цел да го одржи јавниот ред.
Од 17 ноември, илјадници демонстранти, носејќи жолти елеци, се собираат во големите француски градови, вклучувајќи го и Париз, во знак на протест против спорните даноци за гориво наметнати од францускиот претседател Емануел Макрон и поради влошената економска ситуација во земјата.
Под притисок Макрон најави зголемување на минималната плата и го повлече зголемувањето на данокот.
И покрај тоа, протестите прераснаа во пошироко движење насочено кон борба против нееднаквоста во приходите и за добивање поголем удел на граѓаните во донесувањето на одлуките на Владата.
Во протестите досега загинаа најмалку 11 лица, околу 8.400 беа притворени, над 2.000 беа повредени, додека 1.796 лица добија казна затвор.