ЛОНДОН (АА) – Обединетото Кралство, официјално го започна процесот на излегување (Брегзит) од Европската Унија (ЕУ), каде што е член веќе 44 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј, упати писмо до Брисел, во кое се содржи барањето за излегување на државата од ЕУ, во рамките на членот 50 од Лисабонскиот договор, според кој се уредува излегувањето на државите-членки од Унијата. Со овој извештај, официјално започна процесот „Брегзит“, кој се очекува да трае 2 години.
По Самитот на лидерите на ЕУ, на 29. април, каде што ќе се разговара за принципите на кои ќе се темели овој процес, и по нивното одобрување, се очекува преговарачот за „Брегзит“, Мајкал Бреинер со неговиот тим да подготви детален текст за преговорите.
По комплетирањето на овој текст, се очекува преговорите меѓу Унијата и Обединетото Кралство да започнат во мај или во јуни.
Исто така, се очекува по објавувањето на регулативата насловена како „Голем предлог за откажување“, постојното законодавство кое е усогласено со регулативите на ЕУ, да се стави во служба на домашното право во Обединетото Кралство. Државата го избира овој пат, со цел да не се создаде празнина во законите по завршувањето на правосилноста на законите на ЕУ на крајот од процесот „Брегзит“.

- Првични прашања -
Првите прашања што се очекувани во овие преговори ќе бидат поврзани со трите милиони ЕУ државјани кои живеат во Обединетото Кралство и еден милион Британци кои се населени во државите од ЕУ, потоа паричниот износ што треба да го плати Обединетото Кралство за да излезе од ЕУ, како и статусот на границата меѓу Република Ирска и Обединетото Кралство. Можноста да се врати граничната контрола меѓу Северна Ирска, која е дел од Обединетото Кралство и Република Ирска, може да создаде криза и проблеми во Северна Ирска.
Целта на преговорите е првиот дел од регулирањето на излезот од Унијата да биде завршен до јануари 2018 година. Доколку страните успеат во ова, ќе започнат со оформување на понатамошните меѓусебни односи. Меѓутоа, договорот што ги уредува идните односи меѓу Обединетото Кралство и Унијата, се очекува да биде потпишан по официјалното комплетирање на процесот на излегување од Унијата.
Исто така, се очекува односите меѓу страните во иднина да не останат само во доменот на трговијата. Според ова, покрај надворешните работи на Обединетото Кралство и ЕУ, заедничката соработка на нивните безбедносни сили, како и положбата на Лондон како финансиски центар, се цели во развивањето формули за соработка меѓу страните во повеќе области.
- Можност за продолжување на преговорите -
Постигнатиот договор ќе биде предложен на одобрување во британскиот Парламент наесен 2018 година, а потоа ќе треба тој да биде одобрен од Европскиот парламент и од парламентите на државите-членки.
Доколку процесот не се одолговлечи, се очекува во март 2019 година, Обединетото Кралство официјално да излезе од Унијата. Меѓутоа, постои можност од продолжување на процесот на преговорите, во случај на одобрување од страна на 27-те држави-членки. Генералниот став на членките на ЕУ е дека процесот „Брегзит“ треба да биде завршен во мај или во јуни 2019 година, односно пред очекуваните избори во Европскиот парламент.
Не е исклучена и можноста на крајот од преговорите, страните да не можат да се договорат. Во ваков случај, Обединетото Кралство ќе биде разделено од ЕУ, но, на ова се гледа како сигурно создавање хаос од аспект на 44-годишните развиени сложени односи меѓу страните.
- Шкотска -
Еден од факторите кои создаваат компликации во процесот „Брегзит“ ќе биде вториот процес на референдум за независност на Шкотска, кој започна завчера.
Регионалната шкотска Влада има за цел на референдумот да им понуди на граѓаните да гласаат за отцепување од Обединетото Кралство во периодот меѓу есента 2018 и пролетта 2019 година. Овие датуми се совпаѓаат со критичната фаза од преговорите меѓу Обединетото Кралство и ЕУ.
За да излезе на референдум, Шкотска треба да добие дозвола од централната влада на Тереза Меј. Иако Меј изминативе денови изјави дека е против референдум во Шкотска, на вчерашната седница, шкотскиот регионален Парламент го одобри започнувањето на процесот за референдум.
Политичките аналитичари оценуваат дека Меј можеби може да го одложи референдумот за независност на Шкотска за неколку години, но оти особено по еден неуспешен договор за Брегзит, референдумот ќе биде неизбежен.
Владата во Шкотска го започна процесот на референдум за независност во 2014 година, но не наиде на поддршка од мнозинството, а по гласањето за „Брегзит“, на дневен ред повторно е ставен референдумот за независност, по што започна расправата за предлогот кој ќе биде ставен на гласање пред народот.
На првиот референдум за независност, под влијание на ставот на централната власт дека излегувањето од Обединетото Кралство значи излегување од ЕУ, 55 проценти од народот во Шкотска гласаше за останување во рамките на Кралството.
Шкотска сака да ги зачува заедничните пазарни односи со ЕУ. За таа цел, бара поголемо право на збор во преговорите за „Брегзит“.