Bayram Altuğ
30 Март 2017•Ажурирај: 31 Март 2017
ЖЕНЕВА (АА) – Обединетите нации (ОН) соопштија дека бројот на бегалците кои поради граѓанската војна што трае веќе 6 години во Сирија ја напуштиле својата држава, е над 5 милиони, јавува Anadolu Agency (AA).
Во сооштението од Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) се наведува дека иако за време на конференцијата во Женева, на 30 март 2016 година, беше ветено дека до 2018 година, 500 илјади сириски бегалци кои се наоѓаат во соседните земји ќе бидат преселени во други земји, досега само на 250 илјади бегалци им се нуди можност за преселување.
Освен претставниците на 92 земји, на конференцијата во Женева учествуваа и 10 меѓувладини организации, 9 институции на ОН, како и 24 невладини организации.
Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, истакна дека преселувањето е од витално значење за заштитата на бегалците, и апелираше до меѓународната заедница во 2017 година да ги зголеми напорите во врска со ова прашање, како и да се исполнат ветувањата.
Според податоците на УНХЦР, минатата година, бројот на бегалците во Турција, Либан, Јордан, Ирак и во Египет изнесувал 4,8 милиони, додека нивниот број оваа година се покачил на 5 милиони.
Од ОН претпоставуваат дека 6,3 милиони лица се раселени во земјата. Турција прими 3 милиони Сиријци и е држава што примила најмногу бегалци во регионот.