Ekipa
22 Септември 2016•Ажурирај: 23 Септември 2016
БЕРЛИН (АА) – Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, рече дека ЕУ е сѐ уште во тешка ситуација поради бегалската криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Шулц одржа прес-конференција во Берлин во врска со состојбата на ЕУ по неофицијалната лидерска средба во Братислава.
„Состојбата во ЕУ е потешка. Имаме уште многу проблеми што не сме ги решиле по Самитот во Братислава. Сѐ уште имаме потреба од потесна соработка во врска со политиката за бегалците“, изјави Шулц и додаде дека во Братислава, и покрај различните ставови се појавило некакво зближување на идеите.
Потенцирајќи дека проблемот е натежнат само над неколку европски држави, Шулц напомена дека државите од ЕУ треба да бидат посолидарни меѓу себе.
Критикувајќи ја неуспешната распределба на бегалците во ЕУ, Шулц рече дека и покрај тоа што има правна основа за распределба на 160 илјади бегалци, во ЕУ досега се распределени само 5 илјади.
- Либерализација на визниот режим со Турција -
Осврнувајќи се на изјавата на министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, за тоа дека до крајот на идната година може да се склучи договор со Турција за либерализација на визниот режим, Шулц рече дека за тоа да се случи, треба да се исполнат условите.
Потсетувајќи дека 69 од 72 услова веќе се исполнети, Шулц потенцира дека особено треба да се усогласат законските одредби за борба против тероризмот и заштита на личните податоци со европските стандарди.
Шулц изјави дека е овозможено овој процес да остане отворен, така што нацрт-верзијата во врска со либерализација на визниот режим не е испратена до Европскиот парламент, бидејќи како што тој изјави, оваа верзија сега нема да го добие мнозинството гласови во Парламентот.
Напоменувајќи дека безвизниот режим ќе започне по реформите во законската регулатива во врска со борбата против тероризмот, Шулц изјави: „Се надевам дека по прекинот на вонредната состојба во Турција, менувањето на овој Закон ќе се стави на дневен ред во Парламентот“.
Во врска со договорот за азилантите што Турција го склучи со ЕУ, Шулц рече дека Турција досега ги извршувала сите обврски, и дека така ќе биде и понатаму.
Мартин Шулц исто така изјави дека е многу важно преговорите за британскиот излез од ЕУ да се завршат пред европските избори, кои се закажани за средината на 2019 година.
Од одлуката на референдумот ова лето да ја напушти ЕУ, Велика Британија сѐ уште не се повика на членот од договорот за почеток на преговорите. Кога тоа ќе се случи, предвидено е преговорите да траат две години.
Шулц, кој е член на Социјалдемократската партија (СДП) на германската партија на левиот центар, денес нагласи дека разбира оти британската Влада се обидува да добие на време.
Но, како што пренесуваат германските медиуми, тој додава дека не би било добро за Велика Британија или за Европската Унија, Британците да гласаат за членовите на Европскиот парламент, додека преговорите за излез од Унијата се и понатаму во тек.