Tuğrul Çam
27 Февруари 2019•Ажурирај: 28 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Подрачјето на Кашмир е извор на проблемот кој претходно на трипати беше причина за војна меѓу Пакистан и Индија, две големи сили во Азија, пишува Anadolu Agency (AA).
Подрачјето Кашмир станува сериозен проблем меѓу Пакистан и Индија по повлекувањето на Британците од регионот пред 72 години.
По повлекувањето на Британија од Индија во 1947 година, Кашмир, кој бил управуван како кнежевство, беше оставен самиот да избере кому ќе му се приклучи, на Пакистан или Индија. Иако 90 отсто од популацијата во Кашмир се муслимани и во 1947 година беа со став да му се приклучат на Пакистан, тогашниот принц одлучи земјата да ѝ се приклучи на Индија.
Против оваа одлука застана муслиманската популација во Кашмир. Откако Пакистан и Индија испратија војска во подрачјето, во 1947 година дојде до првата војна поради Кашмир. Поради истата причина, двете земји војуваа и во 1965 и 1999 година.
Кашмир е поделен на три дела, 45 % контролира Индија, 35 % Пакистан и 20 % Кина. Подрачјето што Индија го држи под своја контрола го преименува во Џаму и Кашмир и го присоедини кон својата територија.
Џаму и Кашмир сѐ уште е единствена сојузна држава во Индија во која мнозинство се муслиманите. Територијата на Кашмир која е под контрола на Пакистан е поделена на два дела, со доделена автономија, кои се именувани како Азад Кашмир (Слободен Кашмир) и Гилгит-Балтистан.
Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), со одлуката донесена 1948 година, одреди на подрачејто на Кашмир да нема војска и иднината да биде одредена со гласање. Додека Индија не гледаше позитивно на гласањето, Пакистан бараше спроведување на одлуката на СБОН. И Турција го бранеше ставот дека решението на спорот треба да се најде во рамките на одлуката на СБОН.
- Пораст на тензиите во последните две недели -
Тензиите меѓу Пакистан и Индија пред две недели започнаа повторно да растат. Во бомбашкиот напад изведен на 14 февруари врз парамилициски конвој во делот на Кашмир, кој е под контрола на Индија, животот го загубија 44 војници, а 20-мина беа ранети. Раководството од Њу Делхи за нападот го обвини Пакистан. Пакистан го осуди нападот и ги отфрли обвинувањата.
Индија на 26 февруари изврши напад на кампот на организацијата Џејш-и Мухамед, кој се наоѓа на контролната линија на Кашмир од страната на Пакистан.
Тензиите меѓу двете земји сериозно се зголемија утринава, 27 февруари. Пакистан, поради нарушувањето на воздушниот простор, нападнал два индиски авиона и ги урнал. Освен тоа, се дознава дека 3 пакистански авиони влегле во воздушниот простор на Индија, при што индиските авиони презеле превентивни мерки. Индиските медиуми тврдат дека Индија урнала еден пакистански борбен авион „Ф-16“.
Поради уривањето на борбените авиони и зголемените тензии, голем број аеродроми во двете земји се затворени за национални и меѓународни летови.
Во Пакистан пак, на сите аеродроми се запрени цивилните и трговските летови. Истовремено Пакистан објави дека до следното соопштение се затвора воздушниот простор во земјата.
Од индиска страна, запрени се летовите на аеродромите Сринагар, Џаму, Лех, Чандигар и Амритсар. Во вестите објавени во регионалните медиуми се вели дека цивилните авиони што го користат воздушниот простор во Пакистан и Индија, или се вратиле на аеродромите од кои полетале, или побарале алтернативни насоки.