Ramazan Turgut
05 Јуни 2017•Ажурирај: 05 Јуни 2017
РИЈАД (АА) - Властите на Катар изразија шокираност и жалење поради одлуката на Саудиска Арабија, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати (ОАР) за блокада на дипломатските односи со таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Катар се наведува дека одлуките на Саудиска Арабија, Бахреин и ОАР за прекин на дипломатските односи се засновани на невистинити и несигурни тврдења.
Истакнувајќи дека Катар веќе извесно време е соочен со завери и кампањи со цел нарушување на таа земја, во соопштението на Министерството се наведува дека Катар е членка на Советот за соработка на заливските земји, ги почитува договорите и обврските во таа организација, како и суверенитетот на другите земји, не се меша во туѓите внатрешни работи и по потреба учествува во борбата против тероризмот и радикализмот во регионот.
„Антикатарската медиумска кампања не ги увери народите во Заливот и затоа таа криза предизвикува сѐ поголеми тензии. И од соопштението на земјите за причините за блокада на дипломатските односи со Катар е јасно дека станува збор за уште еден сегмент и планска медиумска кампања против Катар“, порачаа властите на Катар.
Од Катар исто така тврдат дека и фактот што одлуките за блокада на односите не се донесени под покровителство на Советот на соработка на заливските земји, потврдува дека тие се неосновани.
Во соопштението исто така се наведува дека е интересно што трите заливски земји одлуката за блокада на односите ја соопштиле паралелно со истата одлука на властите на Египет и порачуваат дека тој вид на мешање во внатрешните работи на Катар е неприфатлив и недопустлив.
Властите на Катар порачуваат дека одлуките нема негативно да влијаат на државјаните на таа земја, како ни на странците кои престојуваат во таа земја.
Властите на Саудиска Арабија, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, утринава ја соопштија одлуката за прекин на дипломатските односи со Катар, а кратко потоа истата одлука ја соопштија и властите на Египет. Тие земји го обвинуваат Катар за непријателски ставови во регионот.