Zehra Ulucak
10 Јануари 2018•Ажурирај: 10 Јануари 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Бројот на жртвите во поплавите и свлечиштата предизвикани од поројните дождови кои ја зафатија американската сојузна држава, Калифорнија, се искачи на 13 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Кели Хувер, портпарол на шерифот на подрачјето Санта Барбара истакна дека 13 лица загинаа во поплави и свлечишта предизвикани од поројните дождови кои го зафатија подрачјето.
Хувер рече дека голем број куќи се затрупани со земја, и информираше дека тешки воени возила се вклучени во спасувачките операции. Тој додаде дека досега 50 лица се спасени со хеликоптер.
Д-р Брет Вилсон од болницата Санта Барбара Котејџ за медиумите изјави дека 20 лица се пренесени во болница, од кои четворица се во тешка состојба.
Во тек се спасувачките операции во регионот.
Од друга страна, Дејв Занибони, претставник од противпожарната служба на подрачјето на Санта Барбара, соопшти дека поројните дождови во подрачјето предизвикале поплави од кал поради пожарите кои во декември го опустошија растителниот свет во јужниот дел на државата.
Занибони соопшти дека поплавите во местото Монтекито предизвикале смрт на пет лица, ги затвориле патиштата, а голем број куќи се покриени од калта надојдена од водените буици.
Пред да избие бурата во оваа држава, поради пожарите кои во декември го зафатија Лос Анџелес, 700 семејства беа евакуирани од своите домови.