Ekip
30 Септември 2016•Ажурирај: 30 Септември 2016
ПЕКИНГ (АА) - По обилните врнежи што ги донесе тајфунот Меги, бројот на загинатите во свлечишта во две источни кинески села се зголеми на три лица, додека повеќе од 20 се водат како исчезнати, јавува Anadolu Agency (AA).
Кинеските државни медиуми денес известија дека телата на шестгодишно дете и 60-годишна жена се пронајдени претходната вечер во селото Суцун, во округот Суичанг на покраината Џеџанг. Спасени се 15 жители на истото село, а повеќе од 20 лица се водат за исчезнати, откако свлечиштето во средата вечерта однесе куќи и други објекти. Подоцна е пријавено исчезнувањето на уште шест луѓе во селото Баофенг во округот Венченг.
Поради тајфунот Меги, евакуирани се околу 315.000 лица во покраината Џеџанг. Џоу Руичен, официјален претставник на округот Суичанг, изјави дека околу 400.000 кубни метри земја и остатоци се лизнале низ планината и уништиле 20 домаќинства.
„Со тоа, поплавени се 17 куќи, а меѓу исчезнатите се и припадниците на општинските служби кои заминале да им помогнат на несреќните“, додаде Руичен.
Во Сицун се евакуирани повеќе од 1.460 жители поради страв од појава на помали свлечишта. Тајфунот Меги го погоди источниот дел на кинескиот брег откако помина низ Тајван, оставајќи зад себе четворица загинати и повеќе од 500 повредени.
Претходно овој месец, другиот тајфун Меранти во Кина и на Тајван однесе најмалку 30 животи, додека 15 лица се водат за исчезнати.