Fatma Esma Arslan
25 Октомври 2016•Ажурирај: 26 Октомври 2016
КАЛЕ/ЏУНГЛА (AA) – Министерството за внатрешни работи на Франција соопшти дека кампот „џунгла“, во Кале, во првиот ден од празнењето го напуштија 2.318 мигранти, јавува Anadolu Agency (AA).
Мигрантите со автобуси се пренесени во други центри за бегалци во Франција.
Министерот за внатрешни работи на Франција, Бернард Казанев рече дека меѓу оние што го напуштиле кампот се наоѓаат 400 деца без родители. Тој истакна дека првиот ден од раселувањето на кампот поминал мирно и успешно, а градоначалничката на Кале, Наташа Бушар рече оти одредени мигранти го напуштиле кампот дури и пред да започне неговото раселување.
Бушар се сомнева дека мигрантите што претходно го напуштиле кампот, се сместиле во празни објекти во околината, што за последица би можело да има создавање на нови кампови слични како „џунгла“.
Во потполност се испразнети училиштето и другиот јавен простор, а започна и отстранувањето на шаторите во кои престојувале мигрантите.
Кампот „џунгла“ во понеделникот го напуштија повеќето бегалци од Судан и Еритреја, додека тоа денес го направија бегалците од Авганистан и преостанатите деца.
Привремениот бегалски центар во кој преместувањето на бегалците започнало во раните утрински часови, оддалечен е 700 метри од „џунгла“.
Преземени се високи мерки на безбедност во Кале, а мигрантите пред привремениот центар чекаа подолго време. Забележани се и повремени инциденти меѓу групи мигранти.