Recep Şakar
25 Октомври 2016•Ажурирај: 26 Октомври 2016
МЕЛБУРН (АА) - Активистката-капетан на бродот „Зајтуна-Олив“, Мадлен Хабиб, изјави дека нивната работа не е завршена бидејќи не е укинато ембаргото над Газа, што беше цел на патувањето, јавува Anadolu Agency (AA).
Хабиб за АА зборуваше за случувањата на почетокот од месецот, кога израелските сили го пресретнале нивниот брод „Зајтуна-Олив“, кој во рамките на Флотата за слобода пловел кон блокираниот Појас Газа со цел да се укине израелското ембарго.
„Нашата цел веќе 10 години е иста, а тоа е да се укаже на неправедното ембарго и незаинтересиранста на медиумите. Живеам во мир, на другиот крај од светот. Чувствувам потреба да направам нешто за оние што немаат иста среќа како мене“, истакна Хабиб, која заедно со организацијата „Лекари без граници“ им помага на бегалците.
Таа активистките на бродот „Зајтуна“ ги опиша како силни и праведни личности.
Кога се приближиле кон Газа, од луѓето од тоа подрачје добиле пораки на поддршка и надеж.
„Нѐ чекаа и знаевме дека ни приредиле прослава. Бевме симбол на надеж, како маслиново гранче во клунот на гулабот на мирот“, додаде Хабиб, која зборуваше за она што го почувствувале кога во меѓународните води биле пресретнати од бродовите на израелската морнарица на почетокот од месецот.
Според нејзините зборови, околу нив се распоредиле три воени брода на израелската морнарица и неколку помали пловила.
„Тоа за 13 невооружени жени беше страшно. Не ги прифативме понудените опции. Го запленија бродот и го одведоа на пристаништето Ашдот“, се присети Хабиб, која додаде дека меѓнародната заедница треба да врши притисок на Израел за да го укине ембаргото над Газа.
Таа верува дека властите треба да извршат притисок, но исто така потсети дека не треба да ја потценуваат моќта на поединците кога станува збор за неправда.
Хабиб додаде дека мислеле оти такво нешто нема да се повтори по израелскиот напад на хуманитарниот брод „Мави Мармара“, кој се случи на 31 мај 2010 година.
Исто така, Хабиб истакна дека за време на дијалогот со Израелците, постојано нагласува дека тие се цивили што доаѓаат во мир.
Сепак, како што вели Хабиб, нивната работа не е готова.
„Ембаргото не е укинато, нашата работа не е готова. Мораме да бидеме поддршка на луѓето во Палестина за да се укине блокадата на Газа“, смета Хабиб, која им се заблагодари на сите активистки што тргнале на пат со бродот „Зајтуна-Олив“.
Бродот „Зајтуна-Олив“ на 14 септември заплови од Барселона кон Појасот Газа, а на бродот се наоѓале две новинарки и 11 активистки, меѓу кои и Мајрид Мегваер, добитничка на Нобеловата награда за мир од 1976 година.