İdris Okuducu
02 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
БАГДАД (АА) - Ирачкото Министерство за миграции соопшти дека 49.000 цивили од Мосул се вратија во своите домови на териториите ослободени од терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Бројот на мигрантите кои во рамките на акцијата за ослободување на Мосул од ДЕАШ се вратија во своите домови во источниот дел од Мосул и во Кајара, достигна 49.000“, изјави портпаролот на министерството, Сетар Невруз.
Невруз истакна дека продолжуваат подготовките за новиот мигрантски бран, до кој би можело да дојде за време на очекуваната акција за ослободување на западните делови од градот.
Тој додаде дека се вложуваат напори за зголемување на капацитетите во бегалските кампови, и во источниот и другите делови на градот.
Според него, владините институции и хуманитарните организации продолжуваат да им помагаат на повратниците и на луѓето сместени во камповите.
Министерот за миграции на Ирак, Јасим Ељаф вчера изјави дека од 17 октомври 2016 година, денот кога беше започната акцијата за ослободување на Мосул, во Мосул и во областа Хави, која му припаѓа на Киркук, домовите ги напуштиле 199.000 лица, кои побегнаа во безбедни подрачја.