Büşra Nur Bilgiç
20 Јуни 2019•Ажурирај: 21 Јуни 2019
ЖЕНЕВА
Специјалната известувачка на ОН за вонсудски и арбитрарни егзекуции, Агнес Каламард, во ексклузивно интервју за Anadolu Agency изјави дека убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги ги оштетило меѓународните односи и дека претставува меѓународно злосторство, јавува Anadolu Agency (AA).
Специјалната известувачка на ОН, која вчера објави извештај за бруталното убиство на Кашоги, изјави дека упатила повик до Советот за човекови права на ОН (UNHCR) да го гледа ова убиство како поттик за почеток на преземање ефективни мерки за да се спречат целните убиства.
„Живееме во свет каде што поединците - новинари, бранители на човековите права, бунтовниците - се цел на нивните влади“, рече таа.
„Мислам дека УНХРЦ има можност и одговорност да преземе акции за да ги спречи ваквите убиства и да одговори на нив“, додаде таа.
Каламард изјави дека упатила неколку препораки до УНХРЦ и земјите членки за воспоставување меѓународен механизам за истрага за целните убиства, со цел да се преземат низа акции поврзани со убиството на г. Кашоги.
„Се надевам дека УНХРЦ ќе ја поддржи оваа иницијатива и ќе придонесе за тоа“, додаде таа.
Известувачката на ОН соопшти дека верува оти Советот за безбедност на ОН навистина не ја сфатил сериозноста и тежината на убиството на г. Кашоги, додавајќи дека убиството претставува меѓународно злосторство и одговара на голем број прекршувања на меѓународното право, како и тоа дека врши нарушување во меѓународните односи.
„Од суштинско значење е Советот за безбедност да ги сфати сериозно овие убиства и да дискутира за последиците врз цивилите кои се цел, за целните исчезнувања, целните убиства на бунтовници и политички активисти кои не се сложуваат со активните режими“, вели Каламард.
Нагласувајќи дека ѝ била одбиена посетата на Саудиска Арабија во рамките на истрагата за убиството на Кашоги, Каламард изјави дека саудиските власти избрале да не соработуваат со неа.
„Ако имаат какви било информации, за кои веруваат дека се контрадикторни на моите сознанија, тогаш ќе ја поздравам можноста да седнам со нив... и да ги разгледам нивните докази“, изјави Каламард.
Таа, исто така изјави дека од страна на саудиските власти ѝ било одбиено и нејзиното барање да влезе во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул каде што Кашоги беше убиен на 2 октомври минатата година.
„Мислам дека во оваа фаза, нема многу поента да влезам во саудискиот Конзулат во Истанбул“, изјави таа.
„Единствена желба би ми била да разговарам со саудиските власти“, додаде Каламард.
Каламард изјави дека на турските власти им препорачала во близина на саудискиот Конзулат во Истанбул да подигнат споменик кој би ја симболизирал слобода на новинарите и би го претставувал Џамал Кашоги.
Кашоги беше убиен, а телото исечено на парчиња од група саудиски оперативци набргу по неговото влегување во саудискиот Конзулат во Истанбул, Турција, на 2 октомври минатата година.
Ријад даде различни, контрадикторни објаснувања за неговото исчезнување, пред да признае дека тој бил убиен во дипломатското претставништво, ставајќи ја вината врз неуспешната операција за испрашување изведена од агентите.
Во извештајот на Обединетите нации (ОН) објавен вчера, се вели дека убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој беше убиен минатата година во саудискиот Конзулат во турскиот град Истанбул, претставува „вонсудска егзекуција“, за која е одговорна Саудиска Арабија
Специјалната известувачка на ОН за вонсудски и арбитрарни егзекуции, Агнес Каламард, го подготви извештајот во кој вели дека пронашла „веродостојни докази“ за понатамошно испитување на индивидуалната одговорност на саудиските официјални претставници во врска со убиството на Кашоги, вклучувајќи го и саудискиот принц Мухамед бин Селман.
Повикувајќи го Кралството да се извини на Турција за „злоупотреба на дипломатските привилегии и кршење на забраната за вонтериторијална употреба на сила“, извештајот понатаму повикува на понатамошна истрага од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и од американското ФБИ.