Tuğrul Çam
11 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
БАГДАД/АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека неговата земја, во согласност со меѓународното право, ќе ја продолжи борбата против тероризмот каде и да се наоѓаат терористите, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу за време на официјалната посета на Ирак се состана со претседателот на таа земја, Бархам Салих. По средбата е организирана прес-конференција на која турскиот министер изјави дека посетата е реализирана за уште еднаш да се нагласи поддршката на Турција кон Ирак.
Тој додаде дека е разговарано за повторната изградба на Ирак, развојот на економските односи, трговијата и инвестициите. Тој појасни дека се согласни оти е потребно заеднички да се дејствува во борбата против тероризмот.
„Повторно ги отвораме конзулатите во Басра и Мосул, кои претходно моравме да ги затвориме од безбедносни причини“, изјави Чавушоглу.
Турскиот министер истакна дека Ирак и Русија не се само соседни, туку и братски земји и дека треба да соработуваат. Запрашан за операциите на Турција насочени против терористичката организација ПКК, Чавушоглу изјави дека неговата земја во согласност со меѓународното право ќе ја продолжи борбата против тероризмот, каде и да се наоѓаат терористите.
„Оваа борба не е кршење на територијалната целост на Ирак, не е напад, туку наше право кое произлегува од меѓународното право. Оваа борба ќе ја продолжиме и со ирачката влада по нејзиното формирање“, додаде Чавушоглу.
Министерот за надворешни работи на Република Турција се осврна и на случајот со исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги и потсети дека турското обвинителство започнало опсежна истрага во која учествуваат и разузнавачката служба и сите надлежни институции.
„Поради тоа што се случи во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија, сакаме блиска соработка со Саудиска Арабија. Саудиска Арабија треба да соработува со нас. Фактите утврдени со истрагата ќе ги поделиме со целиот свет“, порача Чавушоглу.