Fuat Kabakcı
04 Февруари 2020•Ажурирај: 05 Февруари 2020
ПЕКИНГ (АА) - Билансот на починати лица како последица на зараза со коронавирусот во Кина е зголемен на 425 лица, а излечени се и од болница отпуштени 632 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Националната здравствена комисија на Кина (NHC) соопшти дека во изминатите 24 часа починале 64 заразени лица, со што бројот на починати од опасниот вирус во таа земја е зголемен на 425.
Во соопштението се наведува дека досега е потврдено заразување со вирусот 2019-nCoV кај вкупно 20.438 пациенти, додека под надзор се 171.000 лица за кои постои сомнеж дека го носат опасниот вирус.
Коронавирусот на почетокот од оваа година се појави и брзо се прошири во кинескиот град Вухан, а случаи со заразени се потврдени во повеќе земји низ светот. Светската здравствена организација (СЗО) прогласи состојба на глобална опасност.
Во неделата на Филипините почина 44-годишен пациент, кој се смета за прва жртва од коронавирусот надвор од границите на Кина.