свет

Првиот состанок на Заедничкиот либиски воен комитет започнува денеска во Женева

Заедничкиот либиски воен комитет се состои од Владата која ја признава ОН и силите лојални на командантот од источниот дел на земјата, Калифа Хафтар

Bayram Altuğ  | 03.02.2020 - Обновена : 04.02.2020
Првиот состанок на Заедничкиот либиски воен комитет започнува денеска во Женева

ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека првиот состанок на Заедничкиот либиски воен комитет за форматот 5+5 ќе започне денеска во Женева, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Заедничкиот либиски воен комитет се состои од Владата која ја признава ОН и силите лојални на командантот од источниот дел на земјата, Калифа Хафтар.

Во соопштението на ОН се наведува дека цел на состанокот е да се направат обиди да се пронајде решение за кризата во Либија. Состанокот ќе биде одржан под покровителство на ОН.

Од ОН наведоа дека во Заедничкиот либиски воен комитет ќе се најдат по пет претставници од двете завојувани страни, додека со состаноците, кои ќе бидат затворени за медиумите, ќе модерира специјалниот пратеник на ОН за Либија, Гасан Саламе.

Состанокот, кој беше закажан за минатиот вторник во Женева, не беше одржан.

На Конференцијата за Либија одржана во Берлин на 19 јануари е одлучено под покровителство на ОН да се одржи состанок меѓу воените претставници на Владата која ја признава ОН и силите лојални на командантот Хафтар за да разговараат за трајно примирје во земјата.

Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година, кога беше убиен Моамер Гадафи. Оттогаш се води борба за доминација меѓу ривалските табори со седиште во Триполи и Тобрук.

Силите предводени од Калифа Хафтар во април минатата година извршија напад на Триполи во кој се наоѓа седиштето на меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија на чие чело е Фајез ал Сараџ.

Според податоците на ОН, во изминатите десет месеци во Триполи животот го загубија најмалку 2.000 лица. Поради судирите во Либија во изминатите години на криза раселени се повеќе од 300.000 луѓе, а само во нападите на Хафтар врз Триполи се раселени 170.000 лица.

Се претпоставува дека бројот на интерно раселените е значително поголем, бидејќи многу луѓе без евиденција се раселени во внатрешноста на Либија во која и понатаму се на сила силните племенски и семејни врски.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın