Ekipa
04 Декември 2016•Ажурирај: 05 Декември 2016
МИЛАНО (АА) - Утрово во седум часот ширум Италија отворени се гласачките места за 46.714.950 регистрирани гласачи, кои на референдумот ќе се изјаснат за измена на уставот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за најзначајниот референдум во таа земја по Втората светска војна, кој има за цел политичка стабилизација во земјата која од 1946 година смени 60 влади.
Уставните измени, доколку се поддржани, ќе ја ограничат моќта на Сенатот и ќе ѝ олеснат на владата во усвојувањето на закони, односно би дошло до поедноставување на законодавниот систем, бидејќи веќе нема да постојат горен и долен дом на парламентот.
Измените на Уставот ги предложи премиерот Матео Ренци, кој најави дека ќе поднесе оставка доколку на референдумот не се поддржи предлогот предложените закони во иднина да треба да се одобрат само од долниот дом на парламентот, за разлика од сегашниот систем, кој бараше одобрување од двата дома.
Oставката на Ренци, според аналитичарите, ќе го отвори патот на популистичкото движењето "Пет ѕвезди" (M5S) на кое сè повеќе му расне популарноста, а кое од претходно се залага за референдум за напуштање на единствената европска валута.
Последните референдуми во Европа и нивното најавување имаа значителен одек особено по месец јуни, кога Британците го изгласаа Брегзитот, излегувањето од ЕУ. Освен челниците на ЕУ, во Италија се насочени и очите на светските берзи, кои стравуваат од загрозување на еврото на курсната листа.
Изборните места ќе бидат отворени до 23 часот, а првите прелиминарни резултати се очекуваат во текот на ноќта, недела кон понеделник.