Barış Seçkin
02 Февруари 2020•Ажурирај: 03 Февруари 2020
РИМ (АА) - Изолиран е коронавирусот откриен кај брачен пар од Кина кој се наоѓа во посета на Италија, а кај кој е утврден новиот вид вирус (2019-nVoC), потврди италијанскиот министер за здравство, Роберто Сперанца, јавува Агенција Анадолија (АА).
Коронавирусот е изолиран во римскиот Институт „Спаланчани“, специјализиран за тешки вируси. Ваков резултат постигна тимот виролози за помалку од 48 часа од дијагностицирањето на првите заразени пациенти сместени во таа болница, а станува збор за кинески пар кој е во изолација во болницата за инфективни болести додека властите се обидуваат да утврдат кои места во Италија ги посетиле.
Италијанската Влада пред два дена прогласи полугодишна вонредна состојба поради потврдениот случај на заразата со потенцијално смртоносниот коронавирус. Двајцата кинески туристи во Италија беа позитивни на коронавирусот, а Владата на премиерот Џузепе Конте на вонредната седница во Рим прогласи вонредна состојба со цел поефикасно да се спротивстави на ширењето на опасниот вирус.
„Го изолиравме вирусот. Италија е првата земја во Европа што успеа да го изолира вирусот. Тоа значи дека ќе обезбеди бројни можности за подобри резултати во врска со вирусот и за проверките и за мерките кои треба да се преземат за спречување на неговото ширење. Сега лекувањето [на заразените] со овој вирус ќе биде полесно“, појасни Сперанца.
Тој истакна дека е преземен првиот чекор, кој е многу важен, и дека се на располагање и на другите земји.
„Податоците сега ќе бидат претставени пред меѓународната заедница. Се отвораат полиња за нови дијагностички тестови и вакцини. Италија е референтен партнер за ова истражување“, рече Џузепе Иполито, директор на Националниот институт за заразни болести „Лазаро Спаланчани“.
Иполито изјави дека соработката со лабораториите ќе ги олесни истражувањата со цел да се разбере механизмот на вирусот и да се забрза одредувањето на методите на лекување.
И други експерти кои ги изнесоа своите ставови за оваа тема исто така истакнаа дека изолацијата на вирусот е исклучително важен чекор за лекување на заразените.
Првиот смртен случај надвор од Кина е регистриран на Филипините. Билансот на починати лица од смртоносниот коронавирус во Кина порасна на 304.
Националната здравствена комисија на Кина соопшти дека во земјата се потврдени 14.380 случаи на коронавирус (2019-nCoV). Во критична состојба се 2.110 лица.
Наведено е дека постои сомнение дека 19.544 лица се заразени со вирусот. Досега од болница отпуштени се 328 лица. Во последните 24 часа од последици на коронавирусот починаа 45 лица, а вирусот е утврден кај уште најмалку 2.590 лица.
Потврдено е дека од вкупниот број починати, 294 се во покраината Хубеи, епицентарот на коронавирусот.
Надвор од териториите на Кина, носители на вирусот се забележани во специјалните административни региони Хонгконг и Макао и во Тајван, а властите на Тајланд, Јужна Кореја, Јапонија, Сингапур, Виетнам, Малезија, Шри Ланка, Камбоџа, Непал, Индија и Филипини потврдија дека во овие земји има луѓе кои се носители на коронавирусот.
Опасниот коронавирус за првпат се појави во кинескиот град Вухан, а Одборот за вонредни состојби при Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи епидемијата на коронавирусот како вонредна состојба од глобално значење. Одлуката ја соопшти генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, во седиштето на Агенцијата за здравство на ОН во Женева.