Erdoğan Çağatay Zontur
08 Март 2020•Ажурирај: 09 Март 2020
РИМ (АА) - Италија денес под карантин стави 14 града во северниот регион Ломбардија - 16 милиони луѓе, околу една четвртина од популацијата на земјата - со цел да се спречи понатамошното ширење на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Создадовме две зони. Едната од нив се однесува на Ломбардија, а другата на разни други покраини. Ќе примениме построга безбедносна процедура во овие две зони и ќе има ограничување на влегувањата и излегувањата“, изјави на прес-конференција италијанскиот премиер Џузепе Конте.
Досега коронавирусот во Италија зеде 233 животи. Бројот на потврдени случаи се искачи на 5.061, со што е најтешко погодената земја од вирусот во Европа, но и една од потешко погодените земји во светот.
Под карантин се ставени градовите Модена, Парма, Пјаченца, Реџио Емилија, Римини, Песаро е Урбино, Алесандрија, Асти, Новара, Вербано Кусио Осола, Верчели, Падова, Тревизо и Венеција.
Конте изјави дека спортските настани ќе се изведуваат без публика, а сите други активности на јавните места се откажани. Тој додаде дека музеите, кината, културните центри, ски-центрите, базените и спортските сали во регионите под карантин се затворени.
Училиштата во сите локации што се под карантин ќе бидат на распуст до 3 април.
Првин откриен во Вухан, Кина, во декември, вирусот официјално познат како Ковид-19 се рашири во над 80 земји.
Според Светската здравствена организација (СЗО), во светот досега починаа околу 3.500 луѓе, а 100.000 лица се заразени со вирусот.