Barış Seçkin,Ali Cura,Muhammet Nazım Taşcı
07 Март 2020•Ажурирај: 08 Март 2020
РИМ
Кај Никола Зингарети, претседател на регионалната администрација на Лацио и лидерот на Демократската партија која е дел од италијанската коалициска Влада, откриен е вирусот Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пред две недели, поради експанзијата на Ковид-19, во Италија почна да се зголемува и бројот на смртни случаи и бројот на заразени од овој вирус. Новиот тип на коронавирусот е откриен и кај лидерот на Демократската партија на Италија.
Никола Зингарети, претседател на Управниот одбор за регионот Лацио и лидер на Демократската партија која е вториот значаен партнер во италијанската колициска Влада предводена од премиерот Џузепе Конте, на социјалната мрежа Фејсбук сподели видео на кое открива дека е позитивен на вирусот Ковид-19.
Соопштувајќи дека претседателската функција во партијата му ја предал на генералниот секретар на партијата, Зингарети во видеото вели „И јас, како и сите останати, ќе ги почитувам поставените протоколи. Добар сум, но во наредните денови морам да останам дома. И моето семејство минува низ потребните тестови. Нема потреба од паника. Продолжуваме со борбата. Се надевам дека ќе се видиме наскоро.“
Зингарети (54), кој нема активна улога во Владата, веќе една година е лидер на Демократската партија.
Во подрачјето на Лацио, на кое Зингарети е претседател на регионалната администрација, според податоците од вчера, откриени се 50 случаи на заразени со Ковид-19.
Досега во Италија 197 лица починаа од новиот тип на коронавирус, а 523 се излекуваа.
- Во Русија бројот на заразени се искачи на 14
Во Русија бројот на заразени лица од новиот тип на коронавирусот се искачи на 14. Во соопштението на рускиот Центар за контрола и превентива на инфекции од коронавирусот се вели дека во Санкт Петербург е детектиран еден случај на заразен со Ковид-19 и 3 случаи во Липетск. Во текстот се наведува дека лицата кај кои е детектиран Ковид-19, последните две недели биле на патување во Италија.
- Во Индија 34 лица заразени од Ковид-19
Во соопштението што го објави Министерството за здравје и благосостојба на семејството се вели дека бројот на заразени лица од Ковид-19 се зголемил на 34.
Според вестите објавени во индиските медиуми, новиот тип на коронавирусот е детектиран кај две лица кои биле во посета на Иран и кај едно лице кое претходно било во посета на Оман.
Со овие последни заболени од Ковид-19, бројката на заразени во Индија изнесува 34.
Од друга страна, во Индија, во знак на превенција од проширување на новиот тип на коронавирусот, на подрачјата на државите Џаму Кашмир, Сринагар, Барамула, Бандипора и Будгам, наставата во училиштата е прекината до 31 март.