Amina Zorniç
31 Октомври 2016•Ажурирај: 31 Октомври 2016
РИМ (АА) - По земјотресот со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала којшто вчера го погоди Апенинскиот Полуостров, илјадници Италијанци ја поминаа ноќта под отворено небо, во шатори и автомобили, пренесува Anadolu Agency (AA).
Вчерашниот земјотрес, кој е најсилен во последните десет години, не одзеде човечки жртви, но направи огромна материјална штета.
Најтешко е погоден италијанскиот антички град Норча во регионот Перуџа, каде што се урна една од најпознатите градби на тоа место, катедралата на Свети Бенедикт изградена во 14 век. Во земјотресот беше оштетена и средновековната црква Санта Марија.
Неколку објекти беа срушени во градовите Кастел Сант ангело, Пречи, Усита и Aркуата дел Тронто. Локалните градоначалници велат дека жителите се во страв и дека сѐ уште не влегуваат во своите домови.
Земјотресот беше почувствуван и во Рим, каде што властите го затворија метрото, а се чека стручно мислење за постоењето на можни безбедносни ризици.
Пред два месеца, истата област беше погодена од земјотрес во кој се урнаа неколку помали градови, при што загинаа речиси 300 луѓе, главно во градот Aматриче.
Италија географски се наоѓа на многу трусно подрачје и се простира на повеќе тектонски плочи. Апенинскиот Полуостров е европски регион кој е сеизмички најактивен.