свет

Италија: Конте се откажа од формирање влада поради ветото на претседателот Матарела

- Луиџи ди Мајо: Во Италија можете да сте лице со докажано кривичното дело, осуден даночен затајувач или лице под истрага за корупција и истовремено да сте министер. Но, доколку ја критикувате Европа, тогаш не можете да станете министер за економија

Ecenur Çolak  | 28.05.2018 - Обновена : 28.05.2018
Италија: Конте се откажа од формирање влада поради ветото на претседателот Матарела

Rim

РИМ (АА) - Џузепе Конте, кандидатот за премиер кому му беше доверен мандатот за формирање на новата италијанска влада на коалицијата на радикално десничарската партија Лига и антисистемското Движење „Пет ѕвездички“ (M5S), се откажа од функцијата, откако претседателот на Италија, Серџо Матарела, на предложената листа за новиот владин кабинет, стави вето за Паоло Савона, предложениот кандидат за министер за економија, јавува Anadolu Agency (AA).

Според веста објавена од страна на италијанската новинска агенција АНСА, претседателот Матарела вчера во претседателската палата во Рим го примил Конте.

Во соопштението што го даде италијанското претседателство се вели дека Конте на претседателот му го вратил мандатот за формирање нова италијанска влада, откако Матарела ставил вето за Паоло Савона, предложениот кандидат за позицијата министер за економија.

Матео Салвини, лидерот на партијата Лига упати остри критики до претседателот Матарела за ставеното вето.

Повик за предвремени избори

„Со недели деноноќно работевме за да формираме влада која ќе им служи на италијанските државјани, но под некакви притисоци, еден рече „Не“. Нема повторно да бидеме слуги, Италија не е колонијална држава. Доколку во Италија има демократија, тогаш единствено нешто што може да се направи во моментов е зборот повторно да му се даде на народот“, изјави лидерот на Лига, Салвини, повикувајќи на предвремени избори.

Луиџи ди Мајо, лидерот на M5S, вториот партнер на коалицијата за формирање нова италијанска влада, преку својот профил на Фејсбук, одлуката на претседателот Матарела да стави вето за Савона на позицијата министер за економија ја оцени како „незамислива“.

Ди Мајо револтиран од одлуката на претседателот изјави: „Доколку постојано истите луѓе донесуваат одлука, тогаш какво значење имаат изборите? Италија има голем проблем со демократијата. Во оваа земја можете да бидете лице кому му е докажано кривичното дело, да бидете осуден даночен затајувач или да бидете под истрага за корупција и во исто време да сте министер. Но, доколку ја критикувате Европа, тогаш не можете да станете министер за економија. Но, ова нема да заврши тука.“

Од партиски извори се дознава дека M5S „размислува да подигне обвинение во рамките на членот 90 од Уставот на Италија“ за Матарела. Во членот 90 од Уставот на Италија се вели: „Претседателот нема да одговара за преземените мерки за време на неговиот мандат, освен во случаи на предавство на државата и повреди на Уставот. Во такви случаи, на заедничка седница на Парламентот, можно е претседателот да биде обвинет за криминал со апсолутно мнозинство“.

По средбата со Конте, претседателот Матарела изјави дека врз основа на развојот на настаните во Парламентот ќе донесе одлука дали ќе распише нови парламентарни избори.

Од друга страна, извори од партијата M5S ги негираа тврдењата дека Савона, за кого беше ставено вето поради неговиот став и критики упатени кон паричната единица евро, повикувал Италија да излезе од еврозоната.

Минатата среда Конте од претседателот Матарела го доби мандатот за формирање нова влада на коалицијата Лига - M5S.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.