Barış Seçkin
04 Септември 2019•Ажурирај: 05 Септември 2019
РИМ (АА) - Во гласањето на сопственото членство на партијата Движење пет ѕвезди (М5С), која деновиве е актуелна во формирањето на новата влада на Италија, потврдена е идејата за коалиција со Демократската партија (ДП), јавува Anadolu Agency (AA).
По изборите во Италија спроведени минатата година и избраниот нов парламентарен состав, во Италија беше спроведено критично гласање за партијата Движење пет ѕвезди, која според аритметиката е прва партија во Парламентот. На гласањето преку системот именуван како „Rousseau“, на кое можеше да учествуваат само членовите на партијата, беше поставено прашањето дали би сакале да формираат влада заедно со членовите на Демократската партија.
На гласањето на кое учествуваа 117.194 членови на партијата, 63.146 (79,3%) гласаа „за“, додека 16.488 (20,7%) гласаа „не“. Со овие резултати, членовите на М5С дадоа зелено светло за идејата за коалицирање со Демократската партија под лидерство на Џузепе Конте.
Лидерот на М5С, Луиџи ди Маио, го истакна задоволството од гласањето преку системот „Rousseau“, и додавајќи дека е завршена владината програма, истакна „Одиме кон финалната фаза, а тоа е формирање на влада која ќе работи на зголемување на животниот квалитет на граѓаните. Не станува збор за десно или за левоориентирана влада - тоа ќе биде влада која ќе биде приморана да го стори она што е правилно.“
Сенаторот Андреа Маркуци, претседател на парламентарната група на Демократската партија, во врска со формирањето коалиција со М5С, изјави „Веќе сме во последната фаза од формирањето на Владата. Задоволен сум од тоа.“
Маркуци изјави дека во владината програма на еден позитивен начин се опфатени голем број решенија за прашањата во Италија, меѓу кои се и реформите со кои се предвидува намалување на бројот на членовите на Парламентот.
- Критики од Салвини -
Матео Салвини, лидерот на екстремно десната партија Лига, кој во август предизвика владина криза и е на пат да ја загуби министерската позиција во Министерството за внатрешни работи, во програмата во живо што ја организираше на „Фејсбук“, остро го критикуваше гласањето преку кое М5С бараше мислење на своето членство.
Салвини, истакнувајќи дека новата коалиција е изградена врз омразата кон партијата Лига, изјави „Владата на заљубениците во фотелји нема да трае долго. Потребно е да гласаат 60 милиони, а не 60 илјади.“
- Што следува?
Медиумите во Италија, наведувајќи дека повеќе нема пречки за формирање нова владина коалиција составена од жолтата (М5С) и црвената (ДП) боја, под водство на Џузепе Конте, истакнуваат дека актуелниот премиер Конте во меѓувреме ја подготвил владината програма.
Откако медиумите објавија дека во гласањето што М5С го спроведе меѓу сопственото членство беше одобрена идејата за коалицирање со ДП, во вестите се наведува дека актуелниот премиер Конте утре ќе го посети италијанскиот претседател Серџо Матарела, со цел да му ја предаде програмата на новата влада и да му ја предаде листата на новиот кабинет.
Доколку претседателот Матарела ја одобри листата на новиот кабинет, новите министри, положувајќи заклетва во Претседателството на Италија, ќе ја преземат новата функција.
Првата работа на втората Влада на Конте составена од коалиција на М5С, ДП и останатите левоориентирани мали партии ќе биде добивање доверба од Дводомниот парламент на Италија.
- Владина криза -
Политичката криза во Италија настана откако партијата Лига на 8 август изјави дека ќе ја растури Владата, обвинувајќи го коалициониот партнер М5С дека „за сѐ вели не“, а тензиите уште повеќе се зголемија со оставката на премиерот Конте на 20 август.
Претседателот Матарела, со цел да најде решение за кризата, изминатите недели имаше два круга на политички консултации. За време на консултациите, М5С и ДП се согласија за формирање на нова коалициска влада под лидерство на Конте.
Врз основа на тоа, по двата круга консултации, претседателот Матарела на 29 август го задолжи актуелниот премиер Џузепе Конте да формира нова влада. Конте ја прифати должноста условно, информирајќи го претседателот дека својот одговор ќе му го даде откако ќе се состане со партиите што ќе коалицираат во новиот состав.