Faruk Zorlu
04 Септември 2019•Ажурирај: 04 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Локалните власти соопштија дека сметаат дека во пожарот на бродот во близина на калифорнискиот остров Санта Круз, САД, загинати се 34 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата доцна синоќа, шерифот на округот Санта Барбара, Бил Браун, изјави дека луѓето не можеле да го напуштат бродот бидејќи пламенот го блокирал излезот од долната палуба на бродот, каде што 33 патници и еден член на екипажот спиеле.
Според надлежните, само пет члена на екипажот кои спиеле на горната палуба успеале да го напуштат бродот, скокајќи и земајќи мал брод за спасување.
Браун истакна дека досега се пронајдени 20 тела, а бродот потонал на длабочина од 18 метри.
Ќе бидат потребни ДНК-примероци за идентификување на жртвите.
Шерифот Браун додаде дека сѐ уште е нејасно што го предизвикало пожарот, додавајќи дека истрагата за причините е во тек.
Надлежните вчера ја прекинаа потрагата.
„Никогаш не е лесно да се донесе некоја одлука“, истакна Моника Рочестер, капетан во крајбрежната стража.
Пожарот е пријавен во понеделникот рано наутро.
Бродот „Консепшн“, долг 23 метри, бил на крстосување во текот на викендот, по повод Денот на трудот, и носел нуркачи кон Каналските Острови, архипелаг од осум острови во Тихиот Океан.