Ahmet Gürhan Kartal
12 Јули 2022•Ажурирај: 13 Јули 2022
ЛОНДОН (АА) - Според новите воени извештаи и истрагата спроведена од страна на Би-Би-Си (BBC), повеќе од 50 затвореници и невооружени мажи биле убиени од британските војници во Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Програмата „Панорама“ на Би-Би-Си, која треба да се емитува вечерва, ќе објави документи за операции на британската Специјална воздушна служба (SAS) - единица која учествува во специјални операции, во кои се вклучени „извештаи кои покриваат повеќе од десетина рации 'убиј или зароби' спроведени од ескадрилата на САС во Хелманд 2010/11 година“.
Во извештајот на Би-Би-Си Њуз (BBC News) се наведува дека поединци кои служеле на ескадрилата на САС на тоа распоредување, за програмата изјавиле дека биле сведоци како оперативци на САС „убиле невооружени луѓе за време во рациите во текот на ноќта“.
Во извештајот исто така се наведува дека „внатрешните маилови покажуваат дека службениците на највисоките нивоа во специјалните сили биле свесни дека постои загриженост за можни незаконски убиства, но не ги пријавиле сомнежите на воената полиција и покрај законската обврска да го направат тоа“.
Истрагата на Би-Би-Си сугерира дека „една единица можеби незаконски убила 54 луѓе во една шестмесечна операција“.
Генералот Сер Марк Карлтон-Смит, поранешен раководител на специјалните сили на Велика Британија бил „информиран за наводните незаконски убиства но не ги предал доказите на Кралската воена полиција (КВП), дури и откако КВП започнала истрага за убиство во ескадрилата на САС“.
Министерството за одбрана соопшти дека програмата ‘Панорама’ „навлегува во неоправдани заклучоци од наводите кои веќе се целосно истражени“, додавајќи дека истрагата за инцидентите наведени со програмата не пронашла доволно докази за кривично гонење.
Во соопштението се вели дека „Министерството останува отворено за разгледување на какви било нови докази и нема да има опструкции“.