Jeyhun Aliyev
25 Август 2021•Ажурирај: 26 Август 2021
АНКАРА
Светската банка соопшти дека ги стопирала исплатите на парите за помош за Авганистан, откако талибанците ја презедоа контролата врз оваа земја зафатена од војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Банката внимателно ја следи ситуацијата во Авганистан“, изјави портпаролот на банката.
„Ние сме длабоко загрижени за ситуацијата во Авганистан и влијанието врз изгледите за развој на земјата, особено за жените“, рече портпаролот.
Институцијата со седиште во Вашингтон ќе продолжи тесно да се консултира со меѓународната заедница и партнерите за развој на ситуацијата и истражува начини да остане ангажирана за да ги зачува „тешко постигнатите развојни придобивки“.
Од 2002 година, Светската банка, преку Меѓународната асоцијација за развој, посвети околу 5,3 милијарди американски долари за проекти за реконструкција и развој во Авганистан.
Претходно оваа година, банката посвети околу 800 милиони американски долари за земјата.
Овој потег дојде по одлуката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) минатата недела да го суспендира пристапот на Авганистан до ресурсите на Фондот, вклучително и речиси 440 милиони американски долари во нови монетарни резерви.
„Во моментов постои недостиг на јасност во меѓународната заедница во врска со признавањето на Владата во Авганистан, како последица на која земјата не може да пристапи до СДР или до други ресурси на ММФ“, рече портпаролот на ММФ, осврнувајќи се на специјалните права на влечење или на дополнителни средства за девизни резерви дефинирани и одржувани од ММФ.