Davit Kachkachishvili
12 Јули 2022•Ажурирај: 13 Јули 2022
ДОЊЕЦК (АА)
- Давит КАЧКАЧИШВИЛИ
Евакуацијата на луѓето кои живеат во селата на Доњецк, еден од регионите каде што се случуваат најжестоките судири на фронтот долг 2.500 километри во Руско-украинската војна, генерално продолжува под силните напади на артилериските системи.
Екипата на Агенција Анадолија (AA) ја сними тековната операција за евакуација на цивили во селата на Доњецк, познато како едно од најжешките точки на војната во Украина.
Тимовите составени од волонтери и претставници на украинските безбедносни сили, со оклопни возила влегуваат во селата на оддалеченост од 2 до 3 километри од линијата на фронтот, ги евакуираат луѓето кои тоа го бараат и доставуваат хуманитарна помош до оние на кои им е потребна.
Исто така им дистрибуираат лекови, храна и други материјали на луѓето во селата близу до фронтот. Цивилите кои сакаат да бидат евакуирани се префрлаат во центарот за евакуација во Славјанск, кој е најблизок град.

Селата во регионот, претворени се во област каде што се користат беспилотни летала и артилериски системи. Селата се уништени од нападите.
Забележливо е дека некои лица кои се евакуираат од селата блиску до фронтот, со клинци ги запечатуваат вратите од своите куќи.
- Игор, татко на 9 деца, мораше да го напушти своето село
Игор Грунскиј (38), кој беше евакуиран од селото Раихородок на фронтот, истакна дека нападите на руските сили се зголемуваат и додаде: „Линијата на фронтот се приближува. Нападите се интензивираа.“
Наведувајќи дека сакал да го напушти својот дом во селото поради нападите што продолжуваат и дење и ноќе, Грунскиј рече: „Јас сум татко на 9 деца. Моето семејство беше евакуирано во Словачка во март.“
Грунскиј посочувајќи дека ќе оди кај своите роднини во градот Днипро, рече: „Сакам да се вратам во својот дом што е можно поскоро.“

- Евакуацијата на цивилите и дистрибуцијата на хуманитарна помош продолжува секој ден
Игор Угвиненко, началник за безбедност, одговорен за евакуација и хуманитарна помош на цивилите во градот Славјанск и околните села, за дописникот на Агенција Анадолија (АА) даде проценка за најновата ситуација во регионот.
Началникот Угвиненко, истакна дека ги евакуирале луѓето од населбите на фронтот и дека се обидуваат да достават помош до цивилите кои сакале да останат во регионот.

Угвиненко рече дека покрај нападите, тие продолжуваат да ги дистрибуираат бараните материјали до оние на кои им се потребни во селото.
„Ни се дава список на луѓе на кои им е потребна помош. Ние им ја доставуваме помошта собрана од граѓани волонтери низ Украина. Дистрибуцијата на хуманитарна помош продолжува секој ден заедно со операцијата за цивилна евакуација“, нагласи Угвиненко.

Наведувајќи дека луѓето кои сакаат да го напуштат регионот најпрво се носат во центарот за евакуација во Славјанск и оттаму во различни делови на земјата, Угвиненко додаде: „На линијата на фронтот влегуваме со оклопни и специјални возила и луѓето ги префрламе во Славјанск.“
Игор Угвиненко посочи дека фронтот е многу блиску до градот и дека руските сили отвораат оган врз населбите со оружје од големи размери.
