свет

Украина за прв пат во Донбас го употреби турското беспилотно летало „Бајрактар“

Со цел сепаратистите да се притиснат да го почитуваат прекинот на огнот за прв пат украинските сили го употребиле турското вооружено беспилотно летало „Бајрактар ТБ2“

Talha Yavuz  | 27.10.2021 - Обновена : 28.10.2021
Украина за прв пат во Донбас го употреби турското беспилотно летало „Бајрактар“

КИЕВ (АА) - Украинските вооружени сили споделија снимка како со вооруженото беспилотно летало „Бајрактар ТБ2“ погодуваат хаубица што ја користат проруските сепаратисти во Донбас, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во соопштението на Украинските вооружени сили споделено на нивниот профил на Фејсбук се наведува дека проруските сепаратисти со употреба на хаубиците го прекршиле прекинот на огнот, при што загинал еден украински војник, а двајца војници се повредени.

Се нагласува дека и покрај тоа што е испратена нота за ова прашање преку Специјалната мисија на ОБСЕ, не се добиени резултати, и дека со цел сепаратистите да се притиснат да го почитуваат прекинот на огнот за прв пат било искористено турското вооружено беспилотно летало „Бајрактар ТБ2“.

Меѓу другото, во соопштението се додава дека со беспилотното летало Украинските вооружени сили уништиле хаубица на сепаратистите користејќи наведувана ракета.

- Кризата во Донбас -

Во Киев, главниот град на Украина, на 21 ноември 2013 година започнаа демонстрации откако претседателот Виктор Јанукович не го потпиша Договорот за асоцијација со Европската Унија (ЕУ).

Претседателот Јанукович ја напушти земјата во февруари 2014 година, откако демонстрациите се интензивираа. Потоа проруските сепаратисти ја прогласија својата таканаречена независност во градовите Доњецк и Луганск во источниот дел на земјата.

Во судирите меѓу сепаратистите и Владата во Киев од 2014 година, животот го загубија повеќе од 13.000 лица.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.