Ömer Tuğrul Çam
29 Ноември 2021•Ажурирај: 30 Ноември 2021
БРИСЕЛ
Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО треба да се состанат оваа недела за да дискутираат за низа прашања, вклучувајќи го и засилувањето на руската Војска во близина на украинската граница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Состанокот, со кој ќе претседава генералниот секретар Јенс Столтенберг, ќе се одржи во главниот град на Латвија, Рига, од 30 ноември до 1 декември.
Се очекува во фокусот на состанокот да биде Русија по нејзиното воено засилување во близина на украинската граница.
Претставниците на НАТО отворено наведуваат дека руските воени активности на Крим, што нелегално беше анектиран во 2014 година, и околу украинската граница, отвораат сериозни прашања.
На прес-брифингот одржан минатата недела, Столтенберг рече: „Русија мора да покаже транспарентност, да ги намали тензиите и да деескалира.“
Осврнувајќи се на претстојниот состанок, тој рече дека министрите ќе разговараат и за миграциската криза на границата со Белорусија, што ја нарече цинична експлоатација на ранливите луѓе за да се изврши притисок врз нивните сојузници Полска, Латвија и Литванија.
Министрите на НАТО, исто така, ќе ја испитаат безбедносната ситуација во Авганистан, Украина и Грузија, како и улогата на НАТО во промовирањето на стабилноста и безбедноста во регионот на Западен Балкан во услови на зголемени тензии меѓу Србија и Косово и сепаратистичките амбиции во босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска.
Ќе бидат разгледани и следниот стратешки концепт на НАТО и придонесот на Алијансата во меѓународната контрола на вооружувањето.
На некои сесии на состанокот ќе присуствуваат и министрите за надворешни работи на Шведска, Финска, Грузија и Украина, кои не се членки на НАТО.
Турција ќе ја претставува министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, кој на маргините на средбата се очекува да оствари голем број билатерални средби со неговите колеги.
Според ОН, во борбите меѓу украинските владини сили и проруските сепаратисти од 2014 година во Донбас се убиени повеќе од 13.000 луѓе -- четвртина од нив цивили -- и околу 30.000 се ранети.