Aysu Biçer
20 Март 2024•Ажурирај: 21 Март 2024
ЛОНДОН (АА) - Лео Варадкар, лидерот на ирската партија Фин Гаел, денес објави дека поднесува оставка од функцијата премиер пред следните општи избори во земјата, јавија ирските медиуми, пренесува Анадолу.
„Моите причини за повлекување се и лични и политички“, истакна премиерот на Ирска.
Варадкар изјави дека по седум години на функцијата „не се чувствувам како најдобра личност за таа работа“.
Постои „вистинско време“ за повлекување, истакна тој, додавајќи дека нов лидер би бил во подобра позиција за реизбор на Владата.
Политичкото патување на Варадкар, кој рече дека неговото време во Владата е „најисполнетото време во мојот живот“, обележано е со значајни пресвртници.
Тој ја презеде функцијата премиер во 2017 година, со неговиот мандат продолжен до 2020 година, кога премина на функцијата заменик-премиер до декември 2022 година, а потоа Варадкар продолжи да ја извршува функцијата премиер.
- Претходните денови топ тема беше говорот на ирскиот премиер кој го прекори Бајден во врска со ситуацијата во Газа
На приемот во Белата куќа по повод Денот на свети Патрик, топ тема стана говорот на ирскиот премиер Лео Варадкар упатен до американскиот претседател Џо Бајден, кој има ирско потекло, во кој настаните во Газа ги спореди со минатото на Ирска, известува Анадолу.
Во својот говор Варадкар го потсети Бајден дека причината зошто Ирците се соживуваат со палестинскиот народ е тоа што луѓето во Газа страдаат слично на она што го преживеале самите Ирци.
Премиерот Варадкар во обраќањето рече:
„Кога патувам низ светот, лидерите често ме прашуваат ‘Зошто Ирците имаат таква емпатија кон палестинскиот народ?’ Одговорот е едноставен, во нивните очи ја гледаме нашата историја. Приказна за раселување, негирање на националниот идентитет, присилна миграција, дискриминација, глад...“.
Повикувајќи го Бајден, како Ирец, да ги исполни условите на демократијата и да стави крај на драмата во Газа, Варадкар рече: „На народот во Газа итно му е потребна храна, лекови, засолниште, а особено запирање на бомбардирањата.“