Ali H. M.Abo Rezeg
11 Март 2019•Ажурирај: 11 Март 2019
БАГДАД (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани денес пристигна во Багдад во тридневна посета на Ирак, за преговори со ирачките официјални претставници, јавува Anadolu Agency (AA).
Во придружба на својата делегација, Рохани беше пречекан на Меѓународниот аеродром во Багдад од страна на министерот за надворешни работи, Мохамед ал Хаким.
Иранскиот лидер за време на неговата посета ќе се состане со премиерот Адел Абдул Махди, со претседателот на Парламентот, Мохамед ал Халбуси, и со шиитскиот свештеник Али ал Систани.
Во рамките на неговата посета се очекува да бидат потпишани голем број меморандуми за разбирање (MoU).
Во изјавите пред неговото пристигнување, Рохани рече дека Ирак поседува голем број извори што може да се искористат за задоволување на потребите на Иран.
„Иран е заинтересиран за понатамошно развивање на односите со Ирак“, изјавил Рохани кој беше цитиран од официјалната новинска агенција ИРНА.
„Темите на кои двете страни можат заеднички да работат ќе бидат градењето индустриски градови, прашањата поврзани со животната средина, како што се пустинските ветрови со прашина“, рече тој.
Иранскиот лидер изјави дека се надева оти неговата посета на Ирак ќе биде во корист и на Техеран и на Багдад, во областа на здравството, лечењето, трговијата, инвестициите, транзитот, туризмот и регионалната безбедност.
„Иранско-ирачките односи не се споредливи со оние што Ирак ги води со таквите окупатори како САД“, рече Рохани, осврнувајќи се на тајната посета на американскиот претседател, Доналд Трамп, на Ирак кон крајот на минатата година.
Ирак и Иран имаат цврсти односи од соборувањето на поранешниот ирачки диктатор Садам Хусеин во 2003 година.
Посетата на Рохани се чини дека е фокусирана многу врз економските аспекти, во обид од страна на Техеран да се зајакне трговијата и инвестициите меѓу двете страни, во време кога Иран се соочува со санкции од САД.
Трговијата меѓу двете земји е проценета на 12 милијарди долари.
Во ноември, двете страни изјавија дека бараат зголемување на трговскиот обем на 20 милијарди долари.