Sibel Uğurlu
12 Јануари 2019•Ажурирај: 13 Јануари 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, вчера изрази жалење поради претстојниот самит во Полска, чија цел е зајакнување на притисокот врз Техеран, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Владата на Полска не може да го испере срамот. Иако Иран за време на Втората светска војна спасуваше Полјаци, денес тие се домаќини на очајнички антиирански циркус. Ги потсетувам домаќините и учесниците на антииранската конференција: оние кои присуствуваа на последното американско антииранско шоу се мртви, осрамотени или маргинализирани. И, Иран е посилен од кога било“, порача Зариф на социјалната мрежа Твитер.
Претходно, истиот ден, државниот секретар на САД, Мајк Помпео, објави дека САД и Полска заеднички го организираат министерскиот состанок за промоција на иднината на мирот и безбедноста на Блискиот Исток со фокус на Иран. Самитот ќе се одржи на 13 и 14 февруари во Варшава.
Помпео тоа го најави за време на турнејата по Блискиот Исток, со цел да ги охрабри сојузниците по одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп, да ги повлече американските сили од Сирија.