Ekipa
12 Јануари 2019•Ажурирај: 13 Јануари 2019
ПАРИЗ (АА) - Илјадници луѓе излегоа и денес на улиците на Париз, за да учествуваат на протестите на „Жолтите елеци“, кои веќе деветта сабота по ред се одржуваат низ Франција, јавува Anadolu Agency (AA).
Иако гувернерот на Бурж забрани протести на „Жолтите елеци“, граѓаните почнаа да се собираат и во овој француски град.
Во Париз неколку илјади луѓе се движеа во непосредна близина на зградата на Министерството за финасии во источниот дел на градот. Шетаа мирно, а планираа да се движат кон авенијата „Елисејски полиња“ („Шанзелизе“).
Париската полиција потврди дека 24 лица се приведени пред почетокот на протестот, првенствено поради носење потенцијално оружје.
Владата на Франција распореди 80.000 припадници на безбедносните сили на париските улици, а министерот за внатрешни работи, Кристоф Кастанер, во петокот им се закани на демонстрантите дека вандализмот и насилството нема да бидат толерирани. Париската полиција ќе спроведува посебни сигурносни мерки околу владината зграда и авенијата „Елисејски полиња“, локации кои беа место на жестоки судири минатиот месец.
Од 17 ноември, кога започнаа протестите, па досега, загинаа најмалку 10 лица, додека околу 1.000 се повредени. Приведени се околу 5.600 лица.
Во текот на неделата, „Жолтите елеци“ преку социјалните мрежи повикуваа на масовни протести во Бурж, каде што локалните власти забранија собирање во центарот на градот, кој брои околу 70.000 жители. Градот дозволи собирање во делови на периферијата.
За време на Божиќните и Новогодишните празници, движењето „Жолти елеци“ видно ослабе, но изгледа дека повторно се „буди“, и покрај отстапувањата што ги направи претседателот на Франција, Емануел Макрон. Но демонстрантите бараат коренити економски и политички реформи.