Ekip
23 Август 2021•Ажурирај: 25 Август 2021
ТЕХЕРАН
Иран денес изрази поддршка за формирање инклузивна влада во Авганистан, објави полуофицијалната новинска агенција „Мехр“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Саид Хатибзаде, на неделната прес-конференција рече дека Техеран внимателно ги следи случувањата во соседен Авганистан.
„Во контакт сме со сите страни во Авганистан“, рече Хатибзаде, додавајќи дека Иран е подготвен да помогне во интраавганистанските мировни преговори.
„Иран ќе застане покрај авганистанскиот народ во овој критичен момент. Не постои воено решение за проблемите во Авганистан и сите групи и страни мора да ги решат прашањата преку преговори и дијалог“, додаде тој.
Талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан по преземањето на главниот град Кабул на 15 август, принудувајќи го претседателот и другите високи функционери да ја напуштат земјата.
Неочекуваното преземање на моќта предизвика брзање за бегство од Авганистан, вклучувајќи ги и цивилите што им помагаа на странските војници или групи и сега се плашат од одмаздата на талибанците.