Ekip
23 Август 2021•Ажурирај: 24 Август 2021
БРИСЕЛ
ЕУ никогаш нема да ја признае нелегалната анексија на Крим од страна на Русија, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на отворањето на првиот Меѓународен самит за платформата за Крим и во пресрет на 30-годишнината од независноста на Украина, Шарл Мишел ја критикуваше Русија за кршењето на меѓународното право и покажа поддршка за територијалниот интегритет на Украина.
„Сакаме да повториме дека Украина никогаш нема да биде сама и дека Крим е Украина“, рече тој на настанот организиран од украинската Влада во главниот град Киев.
„Тука сум за да го потврдам непоколебливиот став на ЕУ: Ние не ја признаваме и нема да ја признаеме нелегалната анексија на Крим и Севастопол од страна на Русија“, додаде Мишел, ветувајќи дека „строго ќе ја спроведе“ политиката на непризнавање на Блокот.
Тој нагласи дека незаконските дејствија вклучуваат големи трошоци и се осврна на економските санкции што Блокот ги применува кон Русија од 2014 година.
Мишел ја критикуваше ситуацијата со човековите права на полуостровот, вклучително и прогонот на Татарите од Крим и уништувањето на културното наследство на Крим преку принудната интеграција.
Тој, исто така, ја осуди континуираната милитаризација на Крим, што „силно влијае на безбедносната состојба во регионот на Црното Море“.
Во јуни, ЕУ ги продолжи економските санкции како одговор на нелегалната анексија од Русија на Крим и Севастопол за уште една година.
Со одлуката е продолжена забраната за увоз на стоки од Крим и Севастопол, насочена кон финансиските инвестиции и туризмот во таа област, и им се забранува на европските компании вклучени во телекомуникацискиот, транспортниот и енергетскиот сектор да извезуваат стоки и услуги за локалните фирми.
Унијата применува други режими за санкции кон Русија од 2014 година, вклучително и замрзнување на имотот и ограничување на патувањата, како одговор на прекршувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и неподготвеноста на Москва да го спроведе договорот од Минск во целост, со цел да се воспостави прекин на огнот во Источна Украина.