Ikrame Imane Kouachi
27 Октомври 2024•Ажурирај: 28 Октомври 2024
ТЕХЕРАН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) имаат улога во саботните израелски напади врз Иран, изјави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во Техеран, пренесува Анадолу.
„Американците јасно учествуваа во нападот“, рече министерот Арагчи во телевизиско интервју.
„Американците обезбедија воздушен коридор за ционистичките воздушни сили, а одбранбената опрема што им ја испратија се смета за форма на вмешаност во последните операции“, додаде тој, нагласувајќи дека учеството на САД е „комплетно јасно“.
Во однос на меѓународната реакција за израелскиот напад тој рече: „Нивото на глобална осуда за овој чин на агресија од страна на ционистичкиот ентитет беше многу високо“.
Израел вчера соопшти дека извел четиричасовен напад врз Иран, за кој Техеран јави дека успешно ги одбил „обидите на ционистичкиот ентитет да нападне одредени точки во Техеран и низ целата земја“.
Според иранската војска, во израелските напади загинале четворица војници.
Овој напад уследи по лансирањето на над 180 проектили од страна на Иран кон Израел на 1 октомври, што Техеран го опиша како одмазда за атентатите на највисоките лидери на палестинската група Хамас и либанскиот Хезболах.
Иран претходно предупреди дека секој израелски напад ќе биде проследен со „поостар одговор“.