Ikrame Imane Kouachi
27 Октомври 2024•Ажурирај: 28 Октомври 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Израелските сили вчера фрлија фосфорни бомби врз селата во Набатије, јужен Либан, придружени со воздушни напади врз селата во Тир, предизвикувајќи многу пожари, јавија либанските медиуми, пренесува Анадолу.
Во областа Џезине, во јужниот гувернат, израелските воздушни напади беа насочени кон областите околу селата Ал-Ајшије, Сајд и Џермак, објави Либанската национална новинска агенција.
Силен напад во подрачјето на Катрани доведе до прекин на електричната енергија во неколку градови и предизвика пожар во шумскиот регион Жура Кадр, додаде агенцијата.
Во Марџајун, гувернатот Набатије, израелски воздушен напад е извршен во близина на Адаисе и предградието на Тајбе.

Во Хасбаја, артилериско гранатирање со фосфорна муниција е извршено врз областите околу градовите Халта и Вади Ханса, додека воздушен напад го погоди и Источен Зутр во Набатије.
Агенцијата јави и за жестоко артилериско гранатирање во Тир меѓу селата Мајдал Зун и Шамаа, што предизвика дополнителни пожари.
Израелските сили, исто така, нападнаа и булдожер кој работел на расчистување на патот во Рашканија, иако нема јавувања за повредени.

Израел минатиот месец започна голема воздушна кампања во Либан, против, како што тврди, локации на Хезболах што претставува ескалација на едногодишната прекугранична војна меѓу Израел и Хезболах од почетокот на бруталната израелска офанзива на Појасот Газа.
Израел го прошири конфликтот оваа година со започнување на копнен упад во јужен Либан на 1 октомври.
За повеќе од една година од почетокот на офанзивата врз Газа, Израел уби речиси 43.000 Палестинци, а повредени се над 100.000, според официјалните податоци.