Ekipa
15 Март 2017•Ажурирај: 15 Март 2017
БАГДАД (АА) - Во центарот на Тикрит синоќа е откриена втора масовна гробница со посмртните остатоци од ирачките војници кои терористите свирепо ги погубија во 2014 година, во масакрот во воената воздухопловна база „Шпајхер“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Масовната гробница е откриена во комплексот на претседателската палата во Тикрит. Во тек е ексхумацијата и сѐ уште не знаеме колку тела има во гробницата, но јасно е дека се работи за голем број“, изјави денес Заид Али Абас, челник на Одделот за форензика при ирачкото Министерство за здравство.
Паралелно со тоа, неименуван официјален претставник на министерството изјави дека до утринава, од гробницата се ексхумирани посмртните остатоци од најмалку 12 тела.
Во јуни 2014 година, терористите на ДЕАШ ги зазедоа Мосул, Тикрит и поширокото подрачје на северниот и западниот дел од Ирак, а во тој период го сторија и страотниот масакр во воената воздухопловна база „Шпајхер“, во Саладин, каде што погубија најмалку 2.000 кадети на ирачката војска.
На снимките објавени на интернет се гледа како терористите со воено оружје ги стрелаат војниците и нивните тела ги фрлаат во реката Тигар и во масовните гробници.
Минатата година, од масовна гробница во Тикрит беа ексхумирани посмртните остатоци на повеќе од илјада убиени лица.