Büşra Selvi Öğütcen
20 Август 2017•Ажурирај: 21 Август 2017
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - По минатонеделната изјава на Кајрен Риџиџу, министер за внатрешни работи на Индија, дека се бара депортација на Рохинџа бегалците (аракански муслимани) од земјата, кај бегалците се создаде страв од можна депортација во Мјанмар, јавува Anadolu Agency (AA).
Амина Катун (24), Рохинџа муслиманка која живее во Њу Делхи, главниот град на Индија, за АА изјави дека по вторпат се соочува со опасноста да го загуби својот дом.
По насилните настани во кои го загубила својот сопруг, Амина Катун била принудена во 2012 година да го напушти Мјанмар. „Кога дојдов тука бев бремена. Успеав да преживеам. Тука ми недостасуваат многу нешта, но да умрам во Индија е многу подобро од враќањето во Мјанмар”, изјави Катун.
Али Џохар, кој во кампот Окла во Њу Делхи пристигнал во 2012 година, изјави дека од Мјанмар избегал со петмина членови од семејството.
Џохар изјави дека кампот во кој престојува не може да ги задоволи нивните основни услови за живот, и додаде: „Тешко е да се живее тука. Сепак во подобра ситуација сме тука во Индија. Локалното население нѐ поддржува”.
- Апел до премиерот на Индија, Моди -
Во истовреме, Националната комисија за човекови права соопшти дека стравува од прогонот кој би настанал доколку странските државјани кои како бегалци престојуваат во Индија бидат депортирани во сопствените земји.
Д-р Хла Кјав, претседателот на Европскиот совет за Рохинџа муслиманите (ERC), во текот на изминатата недела до премиерот на Индија, Нарендра Моди, испрати писмо во кое вели дека од Индија очекува бегалците да бидат третирани на достоинствен начин околу прашањето за нивна депортација.
Во писмото се наведува дека се очекува да се запре планот за депортација на бегалците.
Министерот за внатрешни работи Риџиџу, минатата недела од индискиот Парламент побара престојот на Рохинџа муслиманите во Индија да биде идентификуван како илегален и да започне процесот за нивна депортација.
Риџиџу потсети дека Обединетите нации ги прифатиле Рохинџа муслиманите како бегалци, но дека Индија нема потпишано никаков договор во врска со бегалците кои престојуваат во земјата.
Министерот Риџиџу рече дека Индија нема никаква обврска за да ги задржи во земјата.
Од друга страна, претставник од Министерството за внатрешни работи на Индија, кое сакаше да остане анонимно, за АА изјави дека загриженоста за враќањето на Рохинџа муслиманите во Мјанмар е претерана.
Претставникот изјави дека Владата се обидува да одреди колку бегалци престојуваат во Индија, додавајќи дека досега не е донесена никаква одлука за депортација на бегалците.
Министерството за внатрешни работи на Индија, на 8 август,до своите сојузни држави испрати порака во која се наведува дека: „бегалците се склони кон членство во терористички организации” и „покрај кршењето на правата на индиските граѓани, претставуваат голем безбедносен проблем за земјата”.
Портпаролот на Генералниот секретар на ОН, Фархан Хак претходно соопшти дека е загрижувачко враќањето на бегалците во сопствените земји од кои биле прогонувани.
Според Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации (УНЦХР), во Индија се регистрирани 15.000 аракански муслимани, но се претпоставува дека во земјата има околу 40.000.
- Состојбата на араканските муслимани -
По судирите кои избувнаа во 2012 година меѓу будистите и муслиманите во државата Аракан во Мјанмар, светот можеше да ја види драмата на Рохинџа муслиманите. Во судирите животот го загубија голем број лица, над стотина домови и работни места беа запалени. Насилните настани принудија илјадници лица да го напуштат подрачјето.
Според усвоениот закон од 1982 година, араканските муслимани го загубија правото на државјанство и се сметаат за народ без „држава”. Обединетите нации (ОН) усвоија разолуција според која араканските муслимани се „верско малцинство кое е малтретирано и кое страда”. Оваа популација покрај тоа што е жртва на насилство, таа е жртва и на правна, економска и социјална дискриминација.