Turgut Alp Boyraz
06 Октомври 2016•Ажурирај: 07 Октомври 2016
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската морнарица го пресретна бродот „Зејтуна-Олива”, кој во рамките на „Флотата за слобода“ пловеше кон блокираниот Појас Газа, а израелските безбедносни сили приведоа 11 активистки и депортираа две новинарки од тој брод, јавува Anadolu Agency (AA).

Активистката за човекови права и портпаролка на „Флотата за слобода“, Елен Хуту Хансон, за АА рече дека 11 приведени активистки од бродот се наоѓаат во израелскиот затвор „Гивон“.
Потенцирајќи дека приведените во моментов разговараат со своите адвокати, Хансон рече дека новинарките Холда Ракме и Мина Харболу се депортирани од Израел.
Надлежните израелски институции досега не го коментираа случајот.
Израелската морнарица вчера го пресретна бродот со активистки од различна национална припадност во меѓународните води, на патот кон Газа, и го насочи кон пристаништето Aшдот, каде што активистките од бродот се лишени од слобода.
Бродот „Зејтун-Олива“ на 14 септември тргна од Барселона кон Појасот Газа, а на бродот се наоѓале две новинарки и 11 активистки, меѓу кои и Мајрид Магуаер, добитничка на Нобеловата награда за мир во 1976 година.
Станува збор за бродот кој е наречен „Женски брод за Газа“, кој е дел од една поголема „Флота за слободата“, којашто се состои од пропалестински пловила што се обидуваат да стигнат до Газа и да ја прекинат децениската израелска блокада на тој палестински регион каде што живеат речиси два милиони Палестинци.