Vakkas Doğantekin
05 Мај 2019•Ажурирај: 07 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Голем број новински агенции најостро го осудија израелскиот воздушен напад на зградата во која се наоѓа канцеларијата на Anadolu Agency (AA) во блокираната Газа и подрачјето.
Во рамките на нападите на блокираната палестинска енклава Газа, израелските сили вчера ја погодија и зградата во која се наоѓаше канцеларијата на Аnadolu Agency (AA), а голем број новински агенции и нивните асоцијации упатија пораки на солидарност кон колегите на АА.
Европската организација на новински агенции (EANA) денеска го осуди израелскиот напад и порача дека на новинарите мора да им се загарантира безбедност.
„Неопходно е да се погрижиме за заштитата на здравјето и животот на новинарите на терен. Европската организација на новински агенции смета дека безбедноста на новинарите е предуслов за слободата на изразување“, се наведува во соопштението.
Првата осуда на израелските напади и пораката на солидарност со АА ја упати претседателот на Унијата на медитерански новински агенции (AMAN) и генералниот секретар на Унијата на новински агенции на Балканот и Југоисточна Европа (ABNA-SE), Михалис Псилос.
Псилос, кој е прв човек на грчката новинска агенција АНА-МПА (ANA-MPA), испрати писмо на поддршка на генералниот директор на АА, Шенол Казанџи.
„Го осудуваме нападот на канцеларијата на АА во Газа. Наспроти ваквите напади, неопходно е да се брани слободата на медиумите.“
Нападот на канцеларијата на АА во Газа го осуди и Унијата на азиско-пацифичките новински агенции (OANA). Претседателот на таа организација и генералниот директор на азербејџанскиот АЗЕРТАК (AZERTAC), Аслан Асланов, исто така испрати писмо на поддршка на првиот човек на АА, Казанџи.
„Тој напад го сметаме за злонамерен удар на независните медиуми и на правото на луѓето да добијат информации. Го осудуваме тој неприфатлив напад на медиумските работници“, порача Асланов.
Слична порака на поддршка на раководството на АА испрати и челникот на Независната унија на новинари на Индонезија (AJI), Абдул Мана, кој нагласи дека израелскиот напад во потполност е во спротивност со нормите за слободата на медиумите. Тој повика на меѓународно процесуирање на одговорните за нападот на канцеларијата на АА во Газа.